Одржан семинарот „Кенџутсу под Ѕвездите на Липац VI“

Posted on Categories Почетна

Настанот што секоја година го одржуваме во чест на нашиот учител за Даито рју Аикибудо, шиханот Антонино Черта, повторно собра голем број љубители на класичните јапонски боречки вештини. Како и минатата, така и оваа година семинарот се одржа во дворот на манастирот Св. Ѓорѓи, лициран веднаш под врвот на мистичната планина Липац. 

Во текот на двата дена, учесниците ги вежбаа основните техники на школата Оно ха Итто рју (Такеда-ден). И овој пат, повторно не изостана традиционалната саботна вечера, на која се служеше домашно зготвено гравче, за кое е задолжен нашиот член Зоран Тодоровски.  

Во неделата, после првиот утрински тренинг, откако учесниците го исчистија дворот и конаците на манастирот, ветераните на доџо-то се упатија на самиот врв „Голив’р“, каде што под силното сонце беше одржан последниот тренинг од семинарот. Потоа, со силен марш, се направи кратка обиколка околу Липац, по што се означи крајот на овогодинешниот настан.

Како и секоја година, така и оваа, „Кенџутсу под Ѕвездите на Липац“ привлече многу членови на Корју Доџо-то / Пат кон Сонцето, кои на крајот изјавија дека со нетрпение ќе го чекаат следниот настан во 2016 година.