Одржан семинарот „Кенџутсу под ѕвездите на Липац VII“

Posted on Categories Почетна

Во фантастична атмосфера проследена со динамичен тренинг и прекрасно дружење, заврши седмиот по ред семинар насловен како „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“. Веднаш по завршувањето, учесниците ги споделија своите импресии на Форум-от на Организацијата „Пат кон Сонцето“, па затоа пренесуваме мал дел од нив, наместо класичен Извештај. 

Ќе започнеме со Стефани Маневска, најновиот член на Даито рју Македонија – Корју Доџо, која за прв пат учествуваше на семинар во природа:

„Прекрасни сте сите до еден, од прв до последен! Сите различни и посебни на свој начин, а истовремено сполотени сите во едно и со иста цел. Каква само ЉУБОВ, ВЕРНОСТ, ЧЕСНОСТ, ЛОЈАЛНОСТ, ХРАБРОСТ, ПОЖРТВУВАНОСТ и ДИСЦИПЛИНА има во секој од вас.
Опкружена со толку прекрасни луѓе, со толку позитивност и хумор, немаше потреба од никаков страв. Прв пат фатив бокен во рацете, а среќата да ја вежбам оваа школа со толку Големи луѓе е неизмерна. За момент се пренесов дека сум на бојно поле и морам да дадам се од себе и да ги баталам овие ’плускавци’ на рацете затоа што се ништо во споредба со вашите раце кои што, низ што се не поминале сите овие години. Ајде малку и за стражата накратко да кажам. Го сфатив како многу сериозна задача, што и навистина беше.
Иако имав страв од темнина, не сакав воопшто да се пожалам и си реков дека ако сега не го победам стравот нема НИКОГАШ.
Се охрабрив и решив дека морам да ги бранам и чувам овие воини затоа што тие заслужуваат да спијат спокојно.
Сега почувствував трошка на својата кожа колку е трнлив овој Пат кон Сонцето, ама колку и да е тешко барем знаеш дека во душата си исполнет и срцето ти се смее. И нема крај и нема зборови кои ќе ги опишат овие моменти и импресии.
На крајот останува да се извинам ако нешто не беше во ред од моја страна, се надевам ќе се запознаеме подобро понатака, а вооедно да ви се заблагодарам за се и да ви кажам да продолжите со тоа што сте. Вие не сте обични луѓе, вие сте посебни Воини. Само најхрабрите ќе го почувствуваат тоа еден ден“.

“Бев пресреќен кога се упативме кон манастирот на врвот на Липац. Поминавме низ многу убавини. Местото одекнуваше од нашите извици додека вежбавме. Кога завршивме со првиот тренинг, од една далечна земја пристигна и нашата Сања. Тогаш мојот мозаик беше комплетиран. Се беше целосно. Една од моите најголеми желби беше да се искачам на врвот на мистичната планина Липац. Желбата ми се исполни вториот ден. После дождот што не зафати, тргнавме кон нова авантура. Се упативме надолу по пат што не постои. Сами го создававме. Сенсеи одеше прв и се пробиваше со мачетата. Нова необична авантура која ја нема низ скопските кафулиња. Затоа семинарите во природа се посебни. Затоа треба да се посетуваат. Тоа беше еден прекрасен филм, а ние бевме во главните улоги. Сето тоа не зближува едни со други. Ја зголемува љубовта спрема доџо-то и љубовта спрема боречките вештини. Се зголемува волјата и се челичи духот“. – Таки Гаковски

„Зарем е веќе понеделник? Зарем поминаа овие два дена? После толку поминати семинари, тренинзи и други настани, вакви два дена, иако беа посебни, поминуваат како секојдневие. Искачувањето прекрасно, тренингот прекрасен, дружбата прекрасна, луѓето прекрасни, гравот прекрасен, после гравот… А колку е неверојатна оваа школа тоа е навистина чудно. Како е можно толку брзо да ти се врати тоа што си го вежбал пред точно една година. И чудно е како може да киснеш на врв на една мистична планина, а при тоа да седиш спокојно и да се смееш. Може, затоа што киснеш со луѓето што ги сакаш. А ако наредната година повторно се одлучиме да одиме низ непознатото, тогаш да ја оставиме мачетата и подобро да си понесеме моторна пила и тример. Дојдовме петнаесет, а се вративме шеснаесет. Планината не даруваше со еден другар. А чувството кога ќе се вратиш назад во Хомбу и кога ќе го симнеш претешкиот ранец од грб – непроценливо! Сепак на крајот може да се заклучи и да се види колку животот е селективен кон луѓето. Некои мора да седат дома или да одат на летувања, а некои ќе уживаат во тренингот во природа“. – Тодор Ангеловски

„Секој семинар во нашиот клуб си носи посебна приказна. Не можеш да отидеш на еден и да речеш: Да, знам како е, бев лани. Не, не знаеме. Никогаш не знаеш што те очекува и кои врати треба да ги отвориш и кои филтри треба да ги поминеш, која скаличка за нагоре те чека, дали ќе се лизнеш или одлучно ќе ја згазиш… не знаеш со каква надворешна суровост ќе се соочиш или кој црв од внатре ќе почне да те јаде. Усовршувањето е само за време на одењето по Патот, а не за време на стоењето во место. Имав голема среќа да можам да учествувам и оваа година, да вежбам и да се дружам со моето боречко семејство. Тренингот ми беше уживање секоја секунда, гравот кој за прв пат го пробав, иако четири години ми го сервираат – врвно мајсторство, природата околу нас малку не поштеди од жештини, но ни надокнади со добро освежување до гола кожа на врв на планината.
Авантурата на симнување е нешто што засекогаш ќе се памети, како што кажа нашиот водач, Сенсеи Довезенски – ова е начинот на кој што се гради нескршливиот дух, ова е патот на неоткажувањето, издржливоста, соочувањето со себе и соочувањето со непредвидливата природата. Поминавме низ ново поглавје во кое Сенсеи, единствен и непоколеблив водач, не водеше низ густите неразгазени и трнливи патеки низ мистичната планина Липац. Истовремено тој го создаваше, обликуваше и рафинираше водачот во секој од нас“. – Сања Симонова

„Каков семинар беше ова. Не го зборуваат толку многу за бадијала. Ова ми беше прво учество на  „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“ и искуството беше незаборавно. Патот до манастирот беше доживување само по себе, со преубава природа од сите страни. Оно ха Итто рју е моќна самурајска вештина, но тоа е се што засега можам да напишам за неа. Тоа што сфатив е дека имам уште многу долг пат за одење. Дождот на Липац беше краток, ама силен при што не направи ’жива вода’. Сенсеи заклучи дека мора да изведеме тактичо повлекување. Тргнавме по непознатиот пат, а тоа не можам да го опишам, мора да се доживее. Се пробивавме чекор по чекор низ густата шума односно сенсеи се пробиваше, а ние следевме и гледавме да не загинеме“. – Дамјан Серафимовски

„Од како бев примена во прегратките на семејството ’Пат кон Сонцето’, мојот живот едноставно се промени бидејки направив многу работи за прв пат. Ме промени мотивацијата, подршката и љубовта која ми ја даваат тие и ме натера да станам подобар човек. 
Во овие два дена благодарение на сите вас научив многу важна лекција. Ако се трудиш, ако го победиш стравот и ако го отвориш своето срце – ќе успееш. До сега за овој семинар слушав само од другите соборци и со нетрпение чекав да го почувствувам на моја кожа тоа што го почувствувале тие пред мене и конечно ми се случи.
Искрено, моето тело и мојот дух претрпеа многу подеми и падови овој викенд, но поради оваа убавина од семинар – се одржав во живот. 
Ако пробам да ви ги опишам убавините на Липац и уметноста на Оно Ха Итто рју и најубавите и најсликовитите зборови да ги напишам – пак нема да успеам. Едноставно мора да го земете бокенот во рака и да го почувствувате духот. 
Котлињата со грав на тивкиот оган, под водство на Шидоши Хо Зоки, си крчкаа на крајот од првиот ден. Вкусот сеуште ми е во уста, нешто неверојатно. А како приказна за добра ноќ, вицеви од ветераните. 
Вториот ден ги ставивме ранците на грб и правец кон врвот, кон сонцето. А таму пак за добредојде и свечено отварање на тренингот најпрво сиви облачиња, а кратко после тоа ледени капки кои фино не освежија. Сите на купче, сите жива вода, но што е најважно сите со насмевки и спремни за продолжување на тренингот. Ама продолжението беше поинакво, овој пат низ грмушките и шумата. Тоа беше нешто неверојатно. Навистина не се опишува. 
Се што може да кажам е едно големо благодарам до Сенсеи и до сите присутни на овој семинар. Навистина многу ве сакам сите, иако сите сме со различни карактери, сепак сите не спојува едно нешто. ПАТ КОН СОНЦЕТО! Љубов“! – Тамара Ѓоргиевска
„Се мислев цел ден што да напишам и дали воопшто да пишувам нешто што не може да се опише. Како да го опишам патот од Хомбу до манастирот, па потоа самиот тренинг под силното сонце. Како да ги опишам сите тие шеги и целата таа дружба кога пред вечерата му поставуваме прашања на сенсеи, на кои тој имаше одговор. Како да го опишам напорот и шлаканиците удрени само за да не заспијам додека чувам стража. Како да го опишам чистењето на манастирот и неговата околина и целата таа организираност при исполнувањето на таа цел. Како да го опишам враќањето кон Хомбу и сите тие природни убавини што не можат да се доловат со слики и видеа, а не па со зборови. Како да го опишам дождот на врвот на Липац сред тренинг. Само можам да кажам дека ако некој сака стварно да го види сето тоа и да ја долови моќта на овој семинар, треба да дојде наредната година“. – Филип Трајановски
„Кога животот полека, но сигурно, ти се исполнува со обврски и слободното време постојано ти се скратува, тогаш мораш да одлучиш кои ти се приоритетите во животот. Како можеш да се издигнеш, каде да учиш, да твориш, да се надоградуваш како личност, со кои луѓе вреди да го поминуваш тоа кратко време што го имаш. Јас одлучив еден добар дел од моето време да го поминувам со вас и до сега не сум се покајал за таа моја одлука и несакам да ве загубам – никогаш!
На враќање кон Хомбу, со Рики направивме разговор за тоа колку денови од годината што изминала ќе ги паметиме до крајот на животот. Овој викенд е нешто што ќе се памети сигурно, секоја секуда, секоја капка пот, секој тежок чекор кон врвот, секој подигнат меч и болка во рацете, секој залак од гравот, секој виц и секоја насмевка на сите што бевме таму. Ќе се памети и сета таа непроодна природа и секоја капка летен дожд, сите лица на фотографијата ставена на фејсбук, зошто по ново сега таму ги ставаме нашите сеќавања. Ќе ги паметам и сите секунди поминати на стража, како и маката да го задржам гравот ’во мене’
Семинарот заврши, но оганот засекогаш ќе гори во и нема никогаш да го изгаснам. И несакам и несмеам, и неможам“. – Владимир Антовски
„По седми пат го одржавме овој семинар во чест на шиханот Антонино Черта, нашиот Учител за Даито рју Аикиџуџутсу. Секое замавнување со мечот под жештината на врелото сонце, секоја капка пот и секоја пролеана крв на Липац, не доближуваат до нашата цел. Да се усовршиме и да станеме подобри личности. Да бидеме индивидуи кои нема лесно да се откажуваат за време на предизвиците со кои животот незапирливо ќе не соочи.
По завршувањето на семинарот можевме да се спуштиме многу брзо и лесно по едно од двете патчиња низ кои јас се симнувам речиси секоја недела додека крстосувам низ сртот на Липац. Меѓутоа, како ќе ги откријам слабостите кај моите ученици доколку ги поведам по лесниот Пат? Како ќе ги соочам со своите стравови, со својата несигурност, со својата неодлучност? Како ќе создадам добри воини од нив?
Не очекувајте, се додека учите од мене, дека ќе одите по краткиот пат. Тој пат на крајот секогаш се губи во лавиринтите на лагите и на илузиите. Долгиот пат е макотрпен, но на крајот секогаш ќе ве соочи со вистината. Ќе имате корист од Вашето искуство изградено додека сте се обидувале да се пробиете низ тешкотиите кои се појавиле пред Вас. Јас поминав илјадници километри и знам точно за што зборувам. Останува на Вас да ја отворите вратата и храбро да влезете низ неа“. – Игор Довезенски