Довезенски и Опачиќ на семинар со шиханот Черта во Рим

Posted on Categories Почетна

Инструкторот на Даито рју Македонија – Корју Доџо, Игор Довезенски, во придружба на својот заменик Марко Опачиќ, земаа учество на меѓународниот семинар за Аикиџуџутсу што се одржа во италијанскиот главен град – Рим.

На настанот учествуваа околу 30 души, главно од доџоата на земјата домаќин, а покрај македонските кобудо-ки, присутен беше уште претставникот од Чешката Република.

На семинарот за прв пат беа претставени и техниките од прастарата јапонска боречка вештина Сумо, кои одиграле голема улога при создавањето на традиционалите школи, меѓу кои и во оформувањето на Даито рју Аикиџуџутсу. Токму затоа, шиханот Антонино Черта одлучи дека членовите на организацијата ДаитоКаи треба да го истражуваат и Сумо-то, за да можат подобро да ги запознаат традиционалните вештини (Корју Буџутсу).

Инаку, тема на настанот беа катите од четвртиот каталог (Јонкаџо), што всушност беше од неверојатна корист за членовите на нашето доџо, особено поради фактот што во Даито рју Македонија досега се изучувале техниките од првите три каталози (Иккаџо, Никкаџо и Санкаџо).

За време на саботната вечера, шиханот Черта на инструкторот Довезенски му подари деншо со техниките од Сумо, а беше разговарано и за следните семинари во Македонија и во Италија, на кои треба да се продолжи со усовршувањето на македонските инструктори.