Одржан февруарскиот Даито рју Аикиџуџутсу семинар

Posted on Categories Почетна

Последниот семинар за Даито рју Аикиџуџутсу во Скопје за првото полугодие се одржа во неделата во доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“.
На семинарот присуствуваа десетина членови кои за четири саати успеава да ги повторат сите кати од Идори и од Тачи Аи од вториот каталог (Никаџо).

Освен одличната атмосфера што владееше постојано додека траеше настанот, треба да се спомене и неверојатната посветеност кон вештината која што на дело беше демонстрирана од страна на учесниците.

На крајот, инструкторот Довезенски им соопшти на членовите на Корју Доџо дека од март повторно се отвораат вратите на Хомбу Доџо-то во долината под планината Липац и дека следниот Даито рју Аикиџуџутсу семинар таму ќе биде организиран.

Одржан првиот Даито рју Аикиџуџутсу семинар во 2017-та

Posted on Categories Почетна

Во скопското доџо-то на Буџинкан Македонија, вчера инструкторот Игор Довезенски го одржа првиот семинар за Даито рју Аикиџуџутсу во 2017-та година. 

За време на настанот, Довезенски ги предаваше техниките од Ханза Хандачи и од Уширо Дори, од вториот каталог – Никаџо. 

Веднаш по завршувањето на семинарот, еден од учесниците ги сподели своите импресии на интерниот Форум на доџо-то:

„Во изминатиов период заинтересираноста за настаните поврзани со Даито рју Аикиџуџутсу почна се повеќе да расте. Последните неколку семинари ми оставија огромен впечаток и ќе ги паметам како едни од подобрите.
Пред почетокот на вчерашниот настан, кога видов дека дојдовме само шесторица, си помислив дека ова ќе биде само уште еден тренинг на кој ќе ги повториме техниките што претходно сме ги вежбале и ќе ги исправиме грешките кои ги имаме при изведување на техниките.
Меѓутоа набргу се уверив дека грешам. На семинарот Сенсеи предаваше толку многу нови работи, а истовремено се навлезе и во длабока анализа на самите кати. Даито рју секој пат ме изненадува се повеќе и повеќе. Целиот семинар изгледаше како ’приватен тренинг’. Ќе бидам малку груб, ама сакам да ви кажам дека треба да им биде криво на сите кои не дојдоа на настанот – а сакаа. Не сум сигурен кога Сенсеи повторно ќе предава следен пат на ова ниво. Јас сум сеуште под импресии и сега едвај го чекам следниот семинар“ – Тодор Ангеловски

Одржан семинарот „Даито Гашуку Осаме“

Posted on Categories Почетна

Даито рју Македонија – Корју Доџо ја имаше таа чест да ја „затвори“ годината и да го организира последниот семинар за 2016-та во Доџо-то за изучување класични јапонски боречки вештини „Пат кон Сонцето“.

На настанот учествуваа вкупно 12 членови, кои без разлика на нивното звање или вештина, меѓусебно си помагаа и надополнуваа вежбајќи ги катите од првото ниво на Хиден Мокуроку. 

За време на семинарот, учесниците беа следени од будното око на инструкторот Игор Довезенски, потпомогнат од асистентот Марко Опачиќ. 

Особено внимание беше посветено на техниките за полагање за шести кју (роккју), со цел да им се помогне на кандидатите кои во текот на утрешниот ден ќе бидат тестирани. 

По завршувањето на настанот, учесниците се дружеа меѓусебе со топол чај и премиера на филм со боречка тематика.

Им посакуваме многу здравје и среќа во новата 2017-та година на сите наши членови и пријатели. 

Продолжуваме со уште посилно темпо! 

Одржан еднодневен Даито рју Аикиџуџутсу семинар во Скопје

Posted on Categories Почетна

Инструкторот Игор Довезенски, вчера одржа семинар за Аикиџуџутсу на кој присуствуваа неколкумина членови на Корју Доџо-то на Даито рју Македонија, како и неколкумина ученици на Буџинкан Македонија.

Во пријатна и работна атмосфера, учесниците ги вежбаа катите од Идори и од Тачи Аи од првиот каталог Иккаџо.

Шидоин-от Довезенски, се потруди да објасни и некои нови детали за правилна изведба на техниките, кои се особено важни пред претстојното полагање за повисоки степени што ќе се одржи на крајот на декември.

По завршувањето на семинарот, беше договорено да се одржи уште еден во текот на следниот месец.   

Последниот Даито рју Аикиџуџутсу семинар со рекорден број учесници

Posted on Categories Почетна

Октомврискиот интензивен Даито рју Аикиџуџутсу семинар привлече рекорден број посетители кои два дена неуморно и со огромна енергија ги вежбаа катите од првото ниво (иккаџо) на оваа традиционална јапонска борбена школа. 

Вкупно 16 членови од нашето доџо, на најразлична возраст, го споделуваа своето искуство во оваа благородна самурајска боречка вештина, постојано следени од будното око на инструкторот Игор Довезенски.

Покрај тренингот, учесниците уживаа и во меѓусебното дружење, а исто така и во предавањето што Довезенски го одржа на тема: „Историјата на Даито рју Аикиџуџутсу и улогата на Сокаку и Токимуне Такеда во нејзиното оформување“. 

Бидејќи Хомбу-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ е затворено во текот на зимските месеци, семинарите за оваа вештина ќе продолжат да се одржуваат во доџо-то во Скопје, додека редовните тренинзи си продолжуваат во „Лабораторијата за Источни Култури“ при Природно-математичкиот факултет во Скопје.