Се одржа последниот „Кенџутсу под Ѕвездите на Липац“

Posted on Categories Почетна

Ехото создадено од силното киаи на воините на Организацијата „Пат кон Сонцето“ за последен пат ечеше во знак на почит кон нашиот Даито рју Аикиџуџутсу учител Антонино Черта, но и како најава за затворањето на семинарот што беше создаден во негова чест.

По цели 13 години, настанот што се одржуваше на врвот на Липац, како и во дворот на преубавиот Бељаковски Манастир, го доживеа својот крај. А старите мудреци одамна кажале дека се што е убаво има и свој крај, меѓутоа не заборавиле да додадат дека за да се роди нешто ново, треба нешто старо да оконча.

Убавите спомени од овој семинар, како и специфичниот ритам, специјалната програма и пејсажите кои го одземаат здивот ќе останат засекогаш врежани во нашите срца. А за крај на овој извештај, еден мал дел од последните коментари на двајца наши членови, напишани на интерниот форум:

„Чувството беше неверојатно. Секоја година си има некоја посебна искра која тлее за време на семинарот за Оно ха Итто рју. Секој што учествувал знае колку е убаво, иако се смета за еден од потешките семинари, за кои е потребно добра кондиција, концентрација, сила и техника. Мило ми е што со нас повторно беше нашиот поранешен член Дамјан Стојановски – Снагата. Покажа дека тоа што го научил пред 5-6 години, сеуште ’лежи’ во него и за време на целиот семинар не’ престана да се труди. Тој исто така покажа и како се’ сака и почитува Доџото. Иако повеќе не е активен, се надевам дека ќе не дружи повторно на некој од следните семинари.
Сите други беа ’ѕверови’ и стануваат се подобри и подобри. Петарче и Ксенија морам да ги пофалам особено, бидејќи цело време работеа силно и непрекинато.
Исто така, многу ми е мило што дојде и Радица. На враќање ми кажа дека прекрасно си поминала, иако не вежбаше со нас, сепак дружбата и времето што го поминала и подариле преубави чувства.
Му се заблагодарувам и на шидоши хо Марко што постојано не’ исправаше секогаш кога правевме грешки во техниката. И секако, најголема благодарност имам кон Сенсеи, кој непрекинато се труди и вложува во нас, со цел да бидеме поуспешни и подобри на секое поле“ – Михаил Дракалски

„Има еден момент, кога ќе се вратиш дома од неверојатен семинар и почнуваш да си ги враќаш сликите од истиот.
Релативно долго сум во ова Доџо и со Сенсеи и со останатите соборци и сум бил сведок како многу легендарни семинари го завршиле својот богат живот. Некои од нив повторно се вратиле, а некои ќе останат запишани и запаметени во историјата на Буџинкан Македонија.
Мислам дека сосема соодветно и на најдобар можен начин го затворивме и овој семинар. Жал ми е што прекина во овој формат, но можеби е време некој нов да се роди.
Кога зборувавме вечерта за причината и како понатаму би продолжила да се вежба оваа школа во нашата Организација, ми дојде една добра идеја. На  тоа свето место односно во дворот на Бељаковскиот Манастир би можеле да продолжиме со тренинг со нагината – од школата Шинден Фудо рју. Се надевам дека мојата идеја ќе биде прифатена и остварена“ – Владимир Антовски

Заврши и априлскиот Даито рју Аикиџуџутсу семинар

Posted on Categories Почетна

Априлскиот Даито рју Аикиџуџутсу семинар што се одржа викендов во Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“ донесе нови возбуди и создаде дополнителни спомени во нашите животи.

За време на настанот, учесниците имаа можност да ги вежбаат катите од нивото Иккаџо, кои учителот Игор Довезенски повторно детално ги објаснуваше при тоа објаснувајќи и нивни варијанти (хенка).

Како и на секој семинар во Хомбу, не изостана ниту прекрасното дружење, а овој пат Довезенски ги изненади своите ученици со нудли со зеленчук кој ги зготви надвор во вог-тава.

Да споменеме и дека за своите заслуги, како и за одличната техника што ја поседува, на Таки Гаговски му беше доделен Никју (втори кју), а на вонредното нинџутсу полагање кое се одржа за време на паузата меѓу двата тренинга, Петар Довезенски успешно положи за 9-ти кју.

Даито рју викенд -семинар во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Со Даито рју Аикиџуџутсу викенд-семинарот во Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“, се отвори новата сезона за годината 2022-ра во овој храм на класичните јапонски боречки вештини во Македонија.

На настанот учествуваа шестмина членови на доџото кои во текот на двата дена уживаа во катите од нивоата Никаџо и Санкаџо. Секако, покрај тренингот, не изостана ниту прекрасната дружба која што секој пат е присутна за време на нашите семинари, а јаготка на шлагот беше полагањето за 5 кју (во Нинџутсу) на нашиот член Дамјан Серафимовски.

Следниот Даито рју семинар ќе се одржи во април, така што не пропуштајте да бидете дел од оваа прекрасна вештина која во Македонија е донесена и афирмирана од страна на учителот Игор Довезенски и неговото Даито рју Македонија – Корју Доџо.

Одржан февруарскиот Даито рју семинар

Posted on Categories Почетна

Во саботата во скопското Доџо се одржа февруарскиот Даито рју Аикиџуџутсу семинар. На настанот учествуваа седуммина членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“, сите на најразлична возраст.

Најмладите учесници за прв пат имаа можност да се сретнат со оваа благородна самурајска вештина, при што многу им се допадна школата која што веќе 12 години е дел од програмата на Организацијата.

Веќе од март, Даито рју семинарите се селат во Хомбу доџото во долината под Липац, па така сите заинтересирани ќе можат да се придружат во овој храм на јапонската култура и традиција во Македонија.

Никаџо - еднодневен Аикиџуџутсу семинар

Posted on Categories Почетна

Првиот Аикиџуџутсу семинар во новата 2022 година се одржа во саботата, во скопското Доџо на Даито рју Македонија.

Темата на настанот беше Никаџо, односно катите од вториот каталог на Хиден Мокуроку.

Се надеваме дека оваа година, ќе успееме да го зголемиме бројот на членови во нашето Аикиџуџутсу доџо, кое заедно со Буџинкан Македонија и Катори Шинто рју Македонија се дел од Организацијата за изучување класични јапонски борбени вештини – Пат кон Сонцето.

Следниот Даито рју семинар ќе се одржи во февруари, а воедно Ве известуваме дека годишниот Извештај за работата на Организацијата „Пат кон Сонцето“ е објавен на веб-страницата на Буџинкан Македонија.