Одржан септемврискиот Аикиџуџутсу семинар во Хомбу

Posted on Categories Почетна

Во Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ викендов се одржа септемврискиот Аикиџуџутсу интензивен семинар. Една од учесничките на настанот по завршувањето се обиде да ја долови атмосферата преку „истурање“ на своите емоции на нашиот интерен Форум. „Даито рју Аикиџуџутсу е вештина во која се вљубив спонтано и тоа често го споменувам. И сигурна сум дека секој што имал можност да ја вкуси оваа ‘магија’ не останал рамнодушен. Токму затоа не си дозволувам да пропуштам ниту еден семинар посветен на оваа школа. Кога еднаш ќе навлезе ‘духот на самураите’ во тебе, тој постојано тлее и редовно ти ги разгорува желбите за нови и нови сознанија. А замислете кога сето тоа е зачинето со прекрасната енергија која кружи постојано околу нашето Хомбу Доџо, а кое повеќето од нас го сметаат за ‘свето место’. Таму има воздух што целосно ти ги исполнува градите, сонце што најсилно ти ја грее душата и мир кој го нема на ниту едно друго место во светов. Затоа таму се чувствувам како своја на своето. Се чувствувам како ништо друго да не ми е потребно во животов и дека би можела вечно да живеам на тоа посебно место и со тие посебни и прекрасни луѓе. А ваков живот, драги мои соборци, само ние имаме привилегија да живееме и затоа сум пресреќна поради тоа. Што се однесува до техничкиот дел од семинарот, овој викенд го искористивме за да се навратиме на основата. Бидејќи секое повторување е подобрување и усовршување на техниката. Затоа се посветивме на вежбање на техниките од првиот каталог – Иккаџо. Многу се израдував што почнав да ги препознавам техниките според името и редоследот. Слободното време го користевме за уживање под летниковецот, а Баже не почести со неколку музички изведби свирејќи на неговата гитара. Во Хомбу-то се си има поинаков шмек. И храната и водата и воздухот. Што повеќе да се каже? Благослов е да се живее овој живот – ВОИНСКИ! Луѓе, среќна сум што ве знам! Сенсеи, Ви благодарам од срце за се!“ – Нора Опачиќ

Одржан семинар за Бо Шурикени

Posted on Categories Почетна

Иако Летниот Корју Камп беше посветен на Даито рју Аикиџуџутсу, тоа ниту најмалку не ја изгаси нашата жед за вежбање техники од оваа стара и благородна самурајска школа.

Токму затоа одлучивме првиот интензивен тренинг во второто полугодие на 2018-та да биде посветен на усовршувањето на техниките на фрлање Бо Шурикени. И тоа со исти такви Шурикени какви што користел и секогаш со себе ги носел легендарниот Сокаку Такеда.

Бидејќи не сакаме многу јавно да споделуваме, кога станува збор за техники со оружје, останува да Ве поканиме на следниот ваков настан, при што самите ќе ја почуствувате возбудата која се јавува за време на учењето и ракувањето со Бо Шурикени.
А во оваа прилика Ве покануваме да присуствувате на Аикиџуџутсу семинарот што ќе се одржи следниов викенд во Хомбу Доџо-то.

Одржан јунскиот Аикиџуџутсу семинар

Posted on Categories Почетна

Јунскиот интензивен семинар ги донесе на мени катите од Ханза Хандачи и Уширо Дори од третиот каталог (Санкаџо).

И саботата и неделата што изминаа, беа посветени на нападите кога едниот противник седи, а другиот стој, како и на сценаријата кога напаѓачот атакува од зад грб.

Учесниците уживаа во техниките кои за прв пат имаа можност да ги вежбаат, а на крајот на семинарот инструкторот Довезенски најави дека и следниот месец ќе се повторуват истите техники, но и ќе се предаваат неколкуте научени Јонкаџо, односно катите од четвртиот каталог.

Одржан деветтиот по ред „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“

Posted on Categories Почетна

Деветтиот, а воедно и претпоследниот семинар „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“, се одржа викендов на мистичната планина која секоја година во својата закрила ги собира Воините на доџото Пат кон Сонцето. 

За време на двата дена учесниците се потрудија да го задржат високиот стандард и одличната репутација која овој настан ја има уште од 2010 година, при што во саботата вежбаа цели шест, а во неделата четири саати.

Секако, тука не смее да се заборави ниту редовното чистење на манастирот и на дворот – акција која членовите на доџото секоја година ја организираат, а ниту пак стражата која ја даваат во текот на ноќта.

Дружењето како и секогаш беше на највисоко ниво, а извиците на учесниците уште долго време ќе одекнуваат низ магичната планина Липац.

Следната година за последен пат ќе се одржи овој неверојатен семинар кој испиша еден добар дел од историјата на Пат кон Соцето.

Одржан уште еден интензивен Даито рју Аикиџуџутсу семинар

Posted on Categories Почетна

И априлскиот интензивен Даито рју Аикиџуџутсу семинар донесе возбуда и внесе нова енергија на ист начин како и претходните настани досега.

Овој пат „на мени“ беа катите од првите три каталози, кои учителот Игор Довезенски постојано ги комбинираше, сакајќи на тој начин учениците самите да ја видат специфичноста на секое ниво посебно.

Инаку, од вчера Даито рју Македонија – Корју Доџо и официјално има нов член, а тоа е Елеонора Опачиќ, која веќе подолго време покажува интерес за оваа традиционална самурајска вештина. Со добивањето на „пасошот“ на интернационалната ДаитоКаи организација, таа ќе отвори една нова страница во нејзиниот живот.

На крајот да Ве известиме дека поради претстојното патување на инструкторот Довезенски во Јапонија, каде што ќе остане три недели во усовршување на Корју-то, во мај нема да се одржи интензивен Аикиџуџутсу семинар. Истиот ќе биде закажан во јуни.