Одржан семинарот „Кенџутсу под ѕвездите на Липац V“

Posted on Categories Почетна

Во чест на нашиот учител за Даито рју Аикибудо, шиханот Антонино Черта, викендов на планината Липац се одржа семинарот „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“ на кој членовите на Корју Доџо ги изучуваа техниките на школата Оно ха Итто рју (Такеда-ден).

На петтиот по ред ваков настан, учество земаа 16 наши членови, а акцентот беше ставен на неколку принципи и техники, меѓу кои и сури аге и сури отоши (кири отоши). За подобро да ја доловиме атмосферата, ќе пренесеме дел од изјавите на двајца од учесниците.

Марко Опачиќ: „Тренинзите беа одлични, а дури на петтиот по ред семинар сенсеи Довезенски ни ги покажа трите принципи на школата. Убаво ги објасни, ги преведе, ни ги предаде многу сликовите и разбирливо, ни ги искомбинира, ни ги долови многу јасно, ни ги ’изџвака’, а наше беше само да вежбаме и сметам дека се покажавме во добро издание. 

Вечерта беше за паметење. Вечера на свеќи, во кујна на топличко, со превкусно гравче, многу смеа и среќни луѓе. Тоа се чувствуваше цело време во воздухот“. 
Зоран Тодоровски: „Ова беше тренинг каков што секој од нас посакува. Безброј пати подигнат меч, безброј пресекувања, блокови со шиноги, моно-учи, кисаки, киаи. Тренинг, куден, тренинг, куден. Многу форми, многу начини и се така до бесконечност. Полека ги откриваме тајните на оваа кенџутсу вештина, а за миг можевме да го почувствуваме мирисот и вкусот на корју. Чувството е како да чекориш по патот на просветлувањето со цел да ја разбереш суштината на постоењето“.