ИСТОРИСКО ОВЛАСТУВАЊЕ ЗА СВЕТСКО ШИРЕЊЕ, ПРЕНОС И ЗАЧУВУВАЊЕ НА АВТЕНТИЧНОСТА НА ДАИТО РЈУ АИКИЏУЏУЦУ

Posted on Categories Почетна

Тринаесет години по првичното овластување, со кое претседателот на ДаитоКаи Интернешнал, учителот Антонино Черта, му ја довери на својот ученик од Македонија, Игор Довезенски, одговорноста за ширење на Даито рју АикиЏуџуцу во Југоисточна Европа, пристигна ново, исклучително значајно признание.

Имено, учителот Игор Довезенски доби официјално овластување со кое му се доверува правото и одговорноста да го шири, промовира и предава Даито рју АикиЏуџуцу на светско ниво, како и да се грижи за зачувувањето на неговата автентичност и за верниот пренос на оригиналните техники и принципи на оваа традиционална јапонска боречка вештина. Ова високо признание доаѓа по шеснаесет години посветено и континуирано практикување на вештината, како и активно членување во интернационалната организација ДаитоКаи.

Организацијата е предводена од шиханот Антонино Черта – единствениот нејапонски мајстор надвор од Јапонија кој ја поседува лиценцата и титулата шихан во рамките на оваа традиција. Оваа голема чест и одговорност му припадна на учителот Игор Довезенски, кој, според досегашните сознанија, е единствениот член на организацијата кому му е доделено вакво овластување со светски опсег, кое опфаќа ширење, промовирање и предавање на Даито рју АикиЏуџуцу, како и грижа за зачувување на неговата изворна форма и автентичност. За Игор Довезенски и за Даито рју Македонија, ова претставува огромна чест, но пред сè и голема обврска. Доверената задача подразбира не само пренесување на знаењето, туку и одговорност кон традицијата, нејзиното наследство и кон сите идни генерации практиканти.

Му упатуваме искрена благодарност на нашиот учител и шихан, Антонино Черта, за укажаната доверба, признанието и честа што ни ги укажа.
Ветуваме дека довербата никогаш нема да ја изневериме и дека со целосна посветеност, почит и одговорност ќе продолжиме да ја чуваме, пренесуваме и шириме автентичната традиција на Даито рју АикиЏуџуцу низ целиот свет.

Учителот Игор Довезенски одржа семинари во Франција

Posted on Categories Почетна

Во периодот од 26 април до 2 мај, учителот Игор Довезенски одржа серија семинари во регионот Лорејн (Гранд Ест) во Франција.

Предавањата беа од областа на школите Буџинкан нинџутсу, Даито-рју аикиџуџутсу, како и кенџутсу од Теншин Шоден Катори Шинто-рју.

Семинарите се одржаа во аикидо-клубовите во Малцевил (предградие на Нанси), како и во Бленвил, кој се наоѓа триесетина километри јужно од Нанси. Двете доџоа се дел од Француската аикидо федерација и преку неа од Аикикаи фондацијата од Јапонија.

Учесниците на настанот беа толку воодушевени од инструкторот Довезенски што го испратија со овации и аплауз, а веќе за следната година го поканија повторно да го сподели своето знаење со нив.

Од страна на македонскиот учител, поканите беа прифатени со особено задоволство, пред сè поради укажаната чест, но и поради изразите на воодушевување кои постојано се слушаа за време на подучувањето.

Со заедничка желба и ентузијазам, домаќините и Довезенски се разделија со пораката: „Се гледаме следната година.“

Одржан априлскиот Даито рју Аикиџуџутсу семинар

Posted on Categories Почетна

Априлскиот Аикиџуџутсу семинар беше одржан во Хомбу Доџото на Даито рју Македонија и тоа на само една недела пред патувањето на учителот Игор Довезенски во Јапонија.

На семинарот се обработуваа кати од Иккаџо, но по обратен редослед на каталогот односно од назад кон напред, а со цел учениците подобро да ги меморираат техниките и нивните имиња.

На крајот на април и на почетокот на мај, Довезенски ќе одржи серија Даито рју Аикиџуџутсу семинари во Франција, а потоа и во Македонија за своите ученици.

Се отвори летната сезона во Хомбу со Даито рју Аикиџуџутсу семинар

Posted on Categories Почетна

Со семинар за Даито рју Аикиџуџутсу се отвори летната сезона во Хомбу доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а со тоа и на Даито рју Македонија.

Иако малубројни, учесниците уживаа во дводневното патешествие низ оваа стара самурајска школа, која под водство на Игор Довезенски им беше пренесувана до најситни детали.

Паузите меѓу двете сесии беа искористени за работа во јапонската зен-градина, односно во дворот на Хомбу, а секако не изостана ниту дружењето, кое во централното доџо добива сосема поинаква и повисока димензија.

Како што беше договорено, последната сесија беше посветена на школата за мечување Оно ха Итто рју, која повторно се враќа на редовната програма на Даито рју Македонија, и тоа со една сесија за време на секој семинар.

Февруарски Аикиџуџутсу семинар во Скопје

Posted on Categories Почетна

Уште еден одличен Даито рју Аикиџуџутсу семинар во Скопје, се одржа денес под водство на учителот Игор Довезенски.

За време на настанот целосно се заврши со второто ниво на вештината, познато под името Никаџо, а потоа се повторија и неколку кати од Иккаџо (првото ниво).

Веќе од март, се отвора сезоната на семинари во Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а токму првиот семинар со кој ќе почне летната сезона ќе биде за Даито рју Аикиџуџутсу.

Се гледаме во Хомбу.