Историски развој
Се верува дека вештината Даито Рју Аикиџуџутсу потекнува од фамилијата на императорот Сеива (владеел 858-876). Според усните преданија, овој систем на борење бил развиен од еден од неговите наследници, Шинра Сабуро Минамото но Јошимитсу во текот на 11-тиот век. Со цел студиозно да ја изучи човечката анатомија, тој ги посетувал бојните полиња и местата за егзекуција за да ги дисецира и проучува телата на мртвите војници и егзекутирани криминалци. На тој начин, Јошимитсу утврдувал кој удар бил најефективен, кој зафат би нанел најголема штета, кое држења е најтешко за ослободување и слично. За да навлезе во мистеријата на аики односно хармонизираната енергија, Јошимитсу минувал часови набљудувајќи пајак како ја напаѓа својата жртва заробена во мрежата. Како талентиран музичар, тој често ги следел танцувачите, свирејќи на својот шо (еден вид дувачки инструмент), при што го увидувал соодносот меѓу добриот ритам и транзицијата помеѓу движењата. Сите овие сознанија ги вклопил во семејната боречка вештина, по што овој напреднат и проширен систем го пренел на својот син. Така, новиот систем кој многу подоцна ќе стане познат под името Даито Рју Аикиџуџутсу, бил роден. Најстариот син на Јошимитсу, Јошикијо, се населил во селото Такеда во Кома (денес префектура Јаманаши) и ја основал гранката Такеда на кланот Минамото. Понатаму, Даито Рју традицијата на Јошимитсу се пренесувала во целосна тајност на наредните генерации на семејството Такеда. При крајот на 16-тиот век, кланот предводен од Кунитсугу Такеда, ја преместува својата база во дистриктот Аизу (денес префектура Фукушима). И таму овој боречки систем продолжил да се вежба како о – шики – учи или “вежбање во соба” односно како о – томе – буџутсу или “боречка вештина на кланот”. Овие два термина укажуваат на големата таинственост и на љубоморното чување на техниките на Даито Рју Аикиџуџутсу. На тој начин, вештината тајно се пренесувала само на самураите на кланот Аизу (Такеда) се до падот на Шогунатот во 1868 година. Дури во 19-тиот век, кога генијалецот за боречки вештини Сокаку Такеда започнал да ја предава јавно, вештината станува позната низ цела Јапонија.
Сокаку Такеда
Сокаку Такеда бил роден во 1859 година во Аизу, каде уште од најмала возраст бил подучуван на семејните традиционални о-шики-учи вештини. Негов учител бил роднината Таномо Саиго (1829-1905). Сокаку се смета за 35-ти соке на Даито Рју Аикиџуџутсу, започнувајќи од Кунитсугу Такеда. Тој изучувал и други традиционални боречки вештини, а поради својот горделив и незгоден карактер се здобил и со улично борбено искуство. Кон крајот на 19-тиот век, Сокаку започнал јавно да ја подучува вештината, со што станал првиот член од кланот Аизу (Такеда) кој ја „отворил“ вештината за сите заинтересирани. Населувајќи се на островот Хокаидо, во северна Јапонија, во текот на својот живот ја пропатувал цела Јапонија подучувајќи насекаде. За сето тоа време, многупати бил предизвикан на двобој, но ниту еднаш не бил совладан од некој предизвикувач, иако бил висок само 150 сантиметри и тежок само 52 килограми. Од отворањето на вештината, па се до неговата смрт, Сокаку Такеда предавал на повеќе од 28.000 лица, од кои само околу 20-тина добиле лиценца за подучување. Некои од нив постигнале огромни резултати. Меѓу имињата на учениците, се наоѓат и многу министри на тогашната влада, адмирали, судии, како и останати високи функционери на војската и полицијата на Јапонија.
Токимуне Такеда
По смртта на Сокаку Такеда во 1943 година, вештината ја наследува неговиот втор син, Токимуне Такеда (1916-1993). За главно седиште на вештината (Хомбу) го одредува градот Абашири, во Хоккаидо. Во 1953 година, Токимуне одлучил да направи реорганизација на целата оставштина од неговиот татко, создавајќи мрежа на школи (доџо-а) низ целата земја. Сите техники и кати, кои дотогаш се учеле на памет и се пренесувале само преку усмен пат (од страв да не бидат украдени), Токимуне ги запишал и ги подредил во форма на прирачник односно каталог (мокуроку). Организацијата ја нарекол Даито рју Аикибудо, а во неа се изучувале семејните вештини Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу – Такеда ден (школа за мечување која се предавала во семејството Такеда).
За време на својата работна кариера како полицаец, Токимуне бил многупати наградуван поради апсење на голем број криминалци. Сите приведувања ги извршувал без да употреби оружје односно само со примена на Даито рју Аикиџуџутсу техники.
Морихеи Уешиба
Најпознат ученик на Сокаку Такеда, бил Морихеи Уешиба (1883-1969), основачот на вештината Аикидо. Тој прв пат го сретнува Сокаку во 1915 година и вежба кај него се до 1922 година кога добива лиценца за да подучува (менкјо каиден). Под влијание на Онисабуро Дегучи (1871-1948), водач на религиската секта Омото кјо, Морихеи ги присвоил и ги поедноставил техниките на Даито Рју Аикиџуџутсу и вовел духовна димензија создавајќи ја вештината Аикидо, која во годините што следеле станала екстремно популарна во светот и денес има голем број на поклоници.
Антонино Черта
Во 1991 година, во потрага по корените на Аикидо-то, италијанецот Антонино Черта заминува за Јапонија. Тој се упатува директно во Хомбу доџо-то во градот Абашири, каде што станува личен ученик на Токимуне Такеда (36-тиот соке на Даито рју). Тој е првиот нејапонец кој бил прифатен за личен ученик на Токимуне, но и првиот и единствениот нејапонец кој се здобил со титулата шихан (мајстор учител). По смртта на Токимуне Такеда, Антонино Черта продолжува да вежба како личен ученик на најдобрите мајстори во Абашири: шиханите Като, Сано и Арисава.
Традицијата на Даито Рју Аикибудо продолжува да опстојува во различни форми во Јапонија, а неговите учења полека се шират низ целиот свет.