Во Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ викендов се одржа септемврискиот Аикиџуџутсу интензивен семинар. Една од учесничките на настанот по завршувањето се обиде да ја долови атмосферата преку „истурање“ на своите емоции на нашиот интерен Форум. „Даито рју Аикиџуџутсу е вештина во која се вљубив спонтано и тоа често го споменувам. И сигурна сум дека секој што имал можност да ја вкуси оваа ‘магија’ не останал рамнодушен. Токму затоа не си дозволувам да пропуштам ниту еден семинар посветен на оваа школа. Кога еднаш ќе навлезе ‘духот на самураите’ во тебе, тој постојано тлее и редовно ти ги разгорува желбите за нови и нови сознанија. А замислете кога сето тоа е зачинето со прекрасната енергија која кружи постојано околу нашето Хомбу Доџо, а кое повеќето од нас го сметаат за ‘свето место’. Таму има воздух што целосно ти ги исполнува градите, сонце што најсилно ти ја грее душата и мир кој го нема на ниту едно друго место во светов. Затоа таму се чувствувам како своја на своето. Се чувствувам како ништо друго да не ми е потребно во животов и дека би можела вечно да живеам на тоа посебно место и со тие посебни и прекрасни луѓе. А ваков живот, драги мои соборци, само ние имаме привилегија да живееме и затоа сум пресреќна поради тоа. Што се однесува до техничкиот дел од семинарот, овој викенд го искористивме за да се навратиме на основата. Бидејќи секое повторување е подобрување и усовршување на техниката. Затоа се посветивме на вежбање на техниките од првиот каталог – Иккаџо. Многу се израдував што почнав да ги препознавам техниките според името и редоследот. Слободното време го користевме за уживање под летниковецот, а Баже не почести со неколку музички изведби свирејќи на неговата гитара. Во Хомбу-то се си има поинаков шмек. И храната и водата и воздухот. Што повеќе да се каже? Благослов е да се живее овој живот – ВОИНСКИ! Луѓе, среќна сум што ве знам! Сенсеи, Ви благодарам од срце за се!“ – Нора Опачиќ