За нас

Posted on Categories За Нас

Даито рју Македонија – Корју Доџо

Доџо-то за класични јапонски боречки вештини „Даито рју Македонија – Корју Доџо“ е основано во март, 2010 година, заради проучување на две традиционални корју школи: Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда-ден).

Првичната намера на Игор Довезенски била, преку тренинг на други класични јапонски вештини, подобро да може да ги
разбере школите во Буџинкан. Преку учество на семинари и контакти со мајстори кои имале допир со Даито рју Аикиџуџутсу, тој конечно се запознава со учителот Антонино Черта, единствениот нејапонски шихан за оваа стара самурајска вештина. Фасциниран од неговото познавање на школата, научена директно во Хомбу Доџо-то (Даитокан) во Абашири (Јапонија), Довезенски уште повеќе се заљубува во Даито рју Аикиџуџутсу и веднаш бива прифатен за личен ученик на сенсеи Черта.

По враќањето од инструкторската обука во Италија, Игор Довезенски најпрвин отвора секција, која со текот на времето прераснува во доџо. Во 2013 година, тој успешно положува за мајсторско звање (шодан) и се стекнува со титулата шидоин (инструктор) и шибу чо (водач на огранок) односно претставник на меѓународната организација „Даито Каи“ за Македонија. Малку подоцна, со одлука на шиханот Черта, Довезенски добива задача да го организира тренингот и да биде одговорен за работата на сите Даито рју Аикиџуџутсу доџо-а кои во иднина ќе почнат со работа на територијата на Балканскиот Полуостров.

Засега, Даито рју Македонија е единственото доџо за Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда ден) во цела Југоисточна Европа. Како рамноправни членови на
Интернационалната Даито Организација (Daito Kai International), редовно остваруваме контакти и организираме семинари и интензивни тренинзи со шиханот Антонино Черта.

Во меѓународната Даито Организација, Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда-ден) се вежбаат на ист начин како што се вежбале во Даитокан.

Во минатото, школите биле задолжителни во обуката за сите самураи од кланот Аизу и семејството Такеда. Триесет и шестиот наследник (соке), Токимуне Такеда, оставил завештание двете рју-ха да се изучуваат засебно под името Даито рју Аикибудо.

Даито рју е комплетна борбена вештина. Освен голораката борба, учениците ја изучуваат и борбата со јапонските класични оружја: катана, кодачи, јари, бо, тессен, џутте, шурикен, итн.

Организација

Пат кон Сонцето е некомерцијална организација која е посветена на изучувањето на традиционалните јапонски борбени вештини. Таа е основана во 1995 година, од страна на Игор Довезенски, единствениот Македонец носител на неколку титули во неколку различни класични борбени школи (рју-ха). Од основањето, па до денес, организацијата работи без прекини и секојдневно одржува тренинзи за своите членови.

 Истата година (02 јули, 1995), во рамките на организацијата почнува со работа првото нинџутсу доџо во земјата – „Буџинкан Македонија“.
Засега, тоа е единственото признаено доџо* во нашата држава, од страна на поглаварот на Буџинкан, соке Масааки Хатсуми.
„Буџинкан Македонија“ се уште важи за еден од најдинамичните клубови во Европа, со многубројно и активно членство, што само зборува за квалитетот на знаењето што се добива во доџо-то.
Во 2010 година, односно петнаесет години од отворањето на „Буџинкан Македонија“, во Пат кон Сонцето почнува со работа „Даито рју Македонија – Корју Доџо“. Во него се изучуваат
две јапонски боречки школи: Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда-ден). Доџо-то е рамноправен член на меѓународната Даито Организација (Daito Kai International), под раководство на единствениот нејапонски шихан за Даито рју Аикибудо, Антонино Черта.
На почетокот на 2013 година, Игор Довезенски станува ученик на шидоша Ерик Лоув, а неколку месеци подоцна дава крвна заклетва (кеппан) пред шиханот на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, Нобутоши Отаке. Во септември, истата година, со дозвола и
под менторство на шидоша Лоув, почнува со работа „Катори Шинто рју Македонија“ односно третото доџо во Пат кон Сонцето.

Без никаква намера за експанзија или лична слава, следен единствено од љубовта кон традиционалните јапонски боречки вештини, Игор Довезенски ја создава единствената организација во Македонија во која што може да се вежбаат најпознатите јапонски класични самурајски и нинџа стилови на борба.

 Организацијата за изучување на традиционалните јапонски борбени вештини Пат кон Сонцето, досега организирала над тристотини домашни и околу триесетина меѓународни семинари
со учество на најпознатите светски мајстори за корју.

Покрај членувањето во неколкуте најреспектирани интерконтинентални организации, Пат кон Сонцето е отворена за соработка и размена на знаењето со сите ентузијасти кои имаат заеднички интерес од областа на јапонските класични вештини.

* доџо (道場) – место за усовршување на Патот

Тренинзи, Локација, Информации

Тренинзите за Даито рју Аикиџуџутсу се одржуваат секој вторник и четврток, од 22.15 до 23.15 часот,  во Доџо-то кое се наоѓа во близина на „Три Бисери“ во скопската населба Аеродром. 

Месечната членарина изнесува 1300 денари.

За најава или повеќе информации слободно пишете ни на нашата електронска адреса: daito_macedonia@yahoo.com