Историја и принципи на Оно-ха Итто-рју (Такеда-ден)

Posted on Categories Оно Ха Итто Рју

Младиот бродоломник

Како и сите јапонски класични борачки школи, така и потеклото на Итто-рју е обвиткано со мистерија и започнува од морето, некаде во средината на шестнаесеттиот век. Имено, во провинцијата Изу, на брегот на една рибарска населба, еден ден морето исфрлило момче кое било нешто постаро од 10 години. Иако никој од локалните жители не го посвоиле, тие сепак му помагале давајќи му храна и облека. Му го дале името “Јагоро”. Вистината била дека момченцето било син на Ито Тазаемон Томоие и било родено на 5-ти Август 1550 година. Детето имало природно јака конституција, сакало по цел ден да трча и се движело многу брзо. За да се наполни со сила и храброст, Јагоро сакал да го гледа морето кога имало бура и да го набљудува вулканот Михара во моментите кога експлодирал. Поради ваквите карактеристики, луѓето од соседните села се плашеле од него и го нарекле “Они” што во превод значи демон. Но во реалноста, тој бил многу сталожена личност која се борела против неправдата, бранејќи ги секогаш послабите. Поголем дел од детството Јагоро го поминал на островот Ошима кој припаѓал на провинцијата Изу, но уште како малечок имал на ум да го напушти местото на раѓање и да замине на континентот. Така, еден ден се качил на дрвена даска и одлучил да избега од дома пливајќи кон бреговите на полуостровот Изу, каде што всушност и бил пронајден полумртов од страна на рибарите. Уште од првите денови од пристигнувањето во селото Мишима, Јагоро го користел локалниот Шинто храм како свој дом и деноноќно вежбал со стапови и прачки. Тоа предизвикувало големо чудење кај локалното население поради што почнале да го нарекуваат „Шимаони“ односно Островски Демон. Во исто време во Мишима живеел и еден познат практичар со меч, Томита Иппох, кој бил ученик на Томита Ечиго-но-ками Шигемаса. Еден ден Јагоро го предизвикал на двобој. Иппох, кој веќе бил експерт во однос на боречките вештини, пристигнал кај свештеникот Орибе, инаку старешина на храмот Мишима, со десеттина свои ученици. Јагоро се појавил сам пред нив. За време на борбата, во еден миг, Иппох ја изгубил концентрацијата загледувајќи се во својот млад противник облечен целиот во партали. Моментот го искористил Јагоро кој нападнал како сокол удирајќи го противникот со многу силен удар во пределот меѓу рамото и вратот, кај клучната коска. Поразен и посрамен Иппох го напуштил селото. Јагоро имал само четиринаесет години.Воодушевувајќи се од храброста и способноста на Јагоро, свештеникот Орибе му подарил меч искован од Шимпо Ичимонџи. Овој ковач живееел во храмот Мишима 37 дена, при што го исковал мечот внесувајќи ја целата своја душа во него и го подарил на храмот. Многу години мечот бил обесен на јаже и висел на највисоката точка од ѕидот на храмот, се додека еден ден јажето не се скинало при што мечот паднал врз кожена торба која ја преполовил на два дела. Свештеникот му ја раскажал оваа анегдота на младиот Јагоро со цел да му ја долови острината на мечот. Потоа, барајќи прошка, му го подарил. Почестен од ваквиот подарок, Јагоро го примил мечот со голема радост и од тогаш станал официјален гостин во храмот на свештеникот Орибе. Секојдневниот напорен тренинг ги покажал резултатите кога еден ден селото било нападнато од десеттина бандити. Подоцна се верувало дека разбојниците биле испратени од страна на осветољубивиот Иппох. Тие нападнале сред ноќ и почнале да го ограбуваат селото, започнувајќи од храмот на свештеникот Орибе. Кога Јагоро се појавил пред нив, насилниците го погледнале со потценување, но во истиот миг биле изненадени од неговата брзина при што седумина од нив биле совладани од неговата техника. Останатите веднаш избегале, но еден од нив се заплеткал меѓу кожените торби кои лежеле на подот во храмот. Потсетувајќи се на анегдотата за мечот, Јагоро го убил бандитот преполувајќи го заедно со кожената торба на два дела. Така, овој меч станал познат под името „Бинкатсу-но-катана“. Од тој момент, катаната станала реликвија на Итто-рју и оттогаш се пренесува од генерација на генерација на легитимниот Соке. Во знак на благодарност жителите на селото му испратиле на Јагоро подароци и храна за неговиот Муша Шугјо односно „Патување за изучување на вештините со меч“. Првото место што го посетил при своето патување, бил познатиот храм на Хачиман Тсуругао-ка-Хачиман-гу. Таму вежбал една цела седмица без одмор при што доживеал просветлување, но не на мистичен начин како што очекувал. Имено, последната вечер за време на неговиот тренинг во близина на храмот, Јагоро ја почувствувал смртта како лебди низ воздухот и во истиот момент без многу размислување се свртил позади себе и замавнал со мечот со сета силина. Во истиот миг сечилото на мечот завршило во главата на разбојникот кој всушност му се приближувал од зад грб и истиот го усмртил со еден удар. Лекцијата која ја научил била дека секој напад истовремено е одбрана и обратно. Сепак, Јагоро се уште чуствувал потреба од вистински учител кој ке му даде насока во вежбањето и ќе ги рафинира неговите техники.

Тренинг

Талкајќи низ земјата како ронин, Јагоро го пронашол учителот што го барал во Едо. Тоа бил Џисаи Канемаки од школата Чуџо-рју, кој веднаш го прифатил за ученик. После пет години вежбање, Јагоро му соопштил на својот учител дека сака да го напушти школото бидејќи совладал се што можел тој да го научи. Изненаден од ароганцијата на Јагоро, учителот Канемаки кажал дека ќе му одржи лекција со бокуто, но бил крајно изненаден кога и по три последователни напади бил совладан од својот млад ученик. Неверувајќи на тоа што го гледа, учителот го прашал која е неговата тајна, на што Јагоро му одговорил: „Кога Вие сакавте да ме удрите, јас тоа однапред го видов во мојот ум и Ви одговорив природно, исто како кога сакам да ја почешам мојата глава. Техниката се роди во мојата глава и не ме подучивте Вие.” Учителот Џисаи Канемаки разбрал што неговиот ученик сакал да каже, по што му ги открил тајните на неговата школа: Мјокен, Зетсумјокен, Шинкен, Кишичоокен и Докумјокен. Овие техники и ден-денес се познати како напредни кати на Оно Ха Итто Рју со заедничко име Коџо Гокуи Готен. Откако ги научил тајните од учителот Џисаи, Јагоро го продолжил своето патување (Муша Шугјо). Тоа биле тешки времиња, исполнети со борби, но воедно одлични за вежбање боречки вештини. Израснат без никакво образование, одгледан од риболовци и земјоделци, Јагоро бил невоспитан и груб. За време на неговото талкање, се случила една епизода која му го сменила погледот на животот. Имено, при пристигнувањето во Кјото, тој влегол во една кафеана каде што започнал разговор со неколкумина при што дошло до кавга зачинета со закани. По ова, тој се повлекол во една од собите со една жена и со голема количина на саке. Одеднаш почувствувал опасност и сфатил дека всушност поднал во замка. Со голема среќа, успеал некако да се извлече од ситуацијата, но сфатил дека алкохолот, големата доверба во жените, неговото однесување и лошиот речник се причините кои го предизвикале инцидентот. Оваа случка длабоко се одразила врз него. За време на многуте патешествија, Јагоро лежел во полињата и спиел во планините и во ситуации на дуел со други мечувалци, секогаш им давал можност да изберат дали ќе се борат со вистински меч или со дрвен. Со текот на времето, се здобил со интуиција да може секогаш да ја процени способноста на противникот. Ги победил сите предизвикувачи, при што речиси секогаш ги поштедувал нивните животи и никогаш не убивал без причина, прифаќајќи ги за ученици тие кои што сакале да научат од него.

Од една техника, илјада победи

Набргу по случката во Кјото неговото однесување длабоко се сменило, тој станал тивок и учтив човек. Го сменил своето име од Маехара Јагоро во Ито Јагоро Кагехиса и продолжил да патува низ Јапонија борејќи се и победувајќи во дуелите со противниците. Подобрувајќи ја својата техника преку изучување на други школи и стекнувајќи голема сигурност во себе, сфатил дека е време и умствено да се усоврши. Бидејќи никогаш немал почувствувано духовна стабилност, еден зимски ден влегол во будистички храм и клекнал на подот, при тоа држејќи тетсунјои (метален предмет што будистите го држат в раце за време на читањето на сутрите) за да го поврати мирот. Се обидел да медитира, но на почетокот не можел да се концентрира од континуираните мисли кои надоаѓале. Сфатил дека коцентрацијата му зависи од случувањата во околината и се трудел да ја подобри истата. После неколку дена, без да забележи се затекол себеси во мир и тотален транс во кој тетсунјои-то му било толку жешко како да е направено од оган. Со помош на мислите веднаш се вратил во нормална состојба и тетсунјои-то заедно со него се оладиле како мраз. Ито Јагоро бил импресиониран од ова искуство. Се обидел да го разбере при што заклучил дека топлинската промена на тетсунјои-то зависела од неговата енергија (ки). Имено, покачувањето и намалувањето на неговата енергија предизвикувало да го чувствува металниот предмет топол или ладен. После неколку години, благодарение на неговите залагања во истражувањето и изучувањето, Јагоро можел секогаш кога ќе посака да ја испрати енергијата во тетсунјои-то. Од ова духовно искуство сфатил дека умот може да ја пренесе енергијата во телото, а телото да ја пренесе енергијата во мечот на истиот начин и дека на тој начин можат да се соединат силата на умот, на телото и на мечот. Така, со здружување на техниките и катите на школите Чуџо-рју и Ханкан-рју, во комбинација со личните и духовните искуства, Јагоро ја основал школата Итто-рју. Негова основна техника била кири отоши која се состоела од одбрана и напад истовремено односно во “кршење напола на противниковиот меч (отоши)“. Неговото мото било Итто Сунавачи Банто односно „Од една техника родени се илјада техники“. Така својата школа ја нарекол Итто-рју, а своето име го сменил во Ито Иттосаи Кагехиса. Иттосаи повторно почнал да талка, но овојпат придружен и од своите ученици. Иако ги имал многу, ниту еден од нив не бил вреден за да го наследи. Најдобар од нив бил еден поранешен морнар, кој бил многу невоспитан и насилен, а се викал Зенки. Тие се запознале откако Зенки го предизикал Иттосаи при што ја загубил борбата, по што одлучил да го следи и да учи од него. Во овој период Иттосаи се борел и победил во 33 борби со шинкен шобу (борба со остар меч). Меѓу сите нив, за најтешка се смета замката која му била поставена од 40-тина ученици на школата Јамамото Мухен-рју, кои сакале да се одмаздат за скорешниот пораз на нивниот учител. За време на борбата, сите до еден биле погодени од мечот на Итто. Следната тешка борба се случила во 1578 година со еден експерт за кинеска хелебарда (бисенто) по име Шигуан. Тој најпрвин бил забележан од Зенки во градот Мисаки, како со голема способност го вртел големото оружје. Иако се воодушевил од вештината и силата на Шигуан, Итто решил да го предизвика и тоа вооружен само со тессен (метална лепеза) при што го победил кинескиот учител удирајќи го со стапалото и туркајќи го на земја во моментот на неговиот напад. Поради славата која ја стекнал благодарејќи на неговата вештина со меч, Иттосаи станал вазал на првиот Шогун кој ја обединил цела Јапонија во времето на Сенгоку Џидаи (Периодот на завојувани држави). Тоа бил Ода Нобунага, кој се восхитувал на неговото мајсторство со катана.


Наследството на Иттосаи

Горд на фактот дека од три пати успеал еднаш да го победи учителот Итто, Зенки почнал да се однесува како да навлегол во тајните на школата. На неговото барање да ја наследи школата како следен Соке, Иттосаи одговорил со молчење. Тој всушност го чувал во тајност своето следно патување кое имало за цел да им овозможи борба на сите кои сметале дека можат да го победат. Кога пристигнал во Окамото, еден самурај од провинцијата Ава, по име Микогами Тензен, го предизвикал на борба. Тој го извлекол својот меч и заземал положба (камае) за борба, додека Иттосаи едноставно земал едно дрво од оганот кој горел во близина и го вперил во лицето на Тензен (и денес вперениот врв на мечот во лицето или во вратот на уке се смета за основен камае на школото). Со такво парче запалено дрво Иттосаи го одбивал секој напад на младиот самурај, кој откако го прифатил поразот, побарал и бил прифатен за ученик. За да ја научи школата Итто-рју, Тензен станал ронин напуштајќи го даимјо-то (господарот) на Ава. Неколку години подоцна (1588), Иттосаи одлучил да се повлече и да одбере наследник. Како најдобри ученици, но и како најголеми претенденти за да го наследат, тој ги одбрал Зенки и Тензен. Така за време на вечерата, откако се напиле по неколку чашки саке, им објавил дека мора да имаат убиствен дуел за да ги добијат тајните на Итто-рју. Наредното утро, пред изгрејсонце, сите тројца се сретнале на необработено поле кај Коганегахара. Иттосаи седнал на земјата и го послал маки-то (ролната) на средина, меѓу двајцата ученици и дал знак дека борбата може да започне. Иако подготвени да се убијат меѓу себе, Зенки и Тензен се гледале во очи неколу секунди кои прераснале во минути, а потоа и во часови. На крајот, нервите на Зенки попуштиле и тој потрчал да го подигне маки-то од земја, но во тој момент Тензен го преполовил со еден удар и така станал вториот Соке на Итто-рју. По ова, тој го менува своето име во Оно Џироемон Тадааки. Стариот учител Иттосаи, кој уште од почетокот го предвидел исходот на борбата, ја избричил главата и се повлекол во планините, по што никогаш повеќе не се слушнало за него. Генерално, Окуден-от (тајните учења) во маки-то на Итто рју содржи повеќе совети односно практични сугестии, отколку реални и специфични техники. Во некои случаи, дел од тајните биле окривани за јавноста поради некоја повисока цел, како што се случило во 1916 година кога се формализирале основните форми на Кендо-то. Така, една од тајните на Итто-рју и денес е основа на оваа боречка дисциплина. Станува збор за задната нога, при што петата се држи благо подигната.


Вештината на Оно Џироемон Тадааки

Откако Оно Тадааки станал наследник на учителот Иттосаи, заминал за Едо, каде што отворил доџо за Итто-рју. Сепак, вистинската слава ја доживува после настанот во малечкото гратче Хизаори. Имено, откако некој поранешен самурај станал отпадник и убил неколку луѓе, тој се забарикадирал во нивната куќа и не излегувал од таму. Веднаш биле пратени буши (воини) кои наместо да го совладат убиецот, тие завршиле масакрирани од неговиот меч. По ова, старешината на гратчето испратил порака до властите во Едо да испратат способен мајстор со меч. Тие го одбрале учителот Оно Тадааки, кој веднаш се качил на коњ и заминал за Хизаори. Откако пристигнал пред засолништето на бандитот, учителот викнал на сиот глас: “Оно Тадааки од Итто-рју, само што пристигнав од Едо. Ако веруваш во твојата катана, излези да се бориме”. Ронин-от, инаку со огромна градба на телото, веднаш излегол од куќата и возвратил: “еве некој кој е вреден да заврши под мојот меч”, по што неочекувано упатил силен удар кон противникот. Во истата секунда убиецот останал без раце. Тадааки го прашал полицаецот, кој бил присутен, дали да го убие. Добивајќи дозвола, учителот веднаш му го одземал животот на отпадникот. По овој настан, гласот за храброста и вештината на Оно Тадааки стигнале до Шогунот Токугава Иејасу кој го именувал како хатамото (самурај од повисока класа) со плата од 200 коку годишно. Веднаш бил назначен за учител по мечување на синот на Шогунот, Хидетада. Но набргу Хидетада го замразил Тадааки поради строгиот начин на подучување бидејќи тој воопшто не се двоумел да го удри силно со боккен-от за време на подучувањето. И ден-денес, како и во минатото, Итто-рју е практичен и груб стил со голем процент на повреди за време на тренингот. Поради тоа, семејството Токугава ги подучувала своите членови повеќе на филозофскиот и понежниот стил Јагју Шинкаге-рју, иако школата на Оно останала главна во обуката на мечувалците (телохранителите) на Шогунот.


Одбиена чест

Поради намќорестиот и строг карактер, Оно Тадааки три пати бил казнуван од страна на Шогунот Тогукава. Но и покрај ова, цврстината на Итто-рју не била ниту најмалку ублажена. Во 1600 година, за време на познатата битка кај Секигахара, Оно служел во баталјонот на Хидетада како карита-бугјо односно вид на внатрешна полиција во армијата која се грижела да го заштити цивилното население од хоророт на војната. При една обиколка, придружен од колегата Тсуџи Тароносуке, се случило заедно да наидат на непријателска патрола при што го убиле Јода Хјобу, офицер од голема важност од непријателската армија. Бидејќи офицерот не се претставил, тие воопшто не знаеле за кого станува збор. Но при откривањето на идентитетот на жртвата, Тароносуке сам се појавил пред претпоставените и им кажал дека тој прв го пресекол со мечот Јода Хјобу, додека Оно само го докрајчил. На ова, Тадааки изјавил дека претчуствувал дека се работи за важен противник, па поради тоа го убил офицерот, по што се испоставило дека неговата верзија за настанот била точна. Но, и покрај тоа, бил обвинет дека работел поради своја лична слава со цел да го напушти работното место во внатрешната полиција, а неговиот намќоресет карактер не дозволил да пронајде доволно зборови за да се одбрани од ова обвинување. Така, Оно бил ставен под надзор на Јукимура Санада во текот на една година. Откако поминал овој период, поради големата вештина, Шогунот повторно го зема во својата служба како учител и му ја покачил платата на 400 коку.
За несреќа, Јагју Муненори, официјалниот шогунов учител од школата Јагју Шинкаге-рју и личен пријател на Токугава, земал голем замав за време на неговото отсуство. Овој стил бил повеќе филозофско-спиритуален отколку практичен и ефективен. Тадааки сакал да го предизвика Муненори, но неможел бидејќи и двајцата директно зависеле од Шогунот. Според усните преданија, еден ден Оно Тадааки заминал да го посети доџото на Јагју Муненори како гостин. При тоа, синот на Муненори, Јагју Митсујоши, попознат како Џубеи, застанал пред Тадааки и ги вкрстиле мечевите. Преданието кажува дека во истиот момент Јагју Митсујоши попуштил бидејќи ја препознал големата способност и супериорност на Оно Тадааки. Тогаш Муненори наредил на друг ученик да се соочи со Оно Тадааки, на што, тој луто извикал дека ако сакаат да ја испробаат неговата способност можат да го нападнат сите наеднаш. Четворица ученици на Јагју ја прифатиле понудата и сите биле поразени за неколку секунди. Двајца од нив за миг се нашле соборени на земја, третиот бил разоружан, а четвртиот повреден во главата. Сите присутни во доџото, а посебно Муненори, биле изненадени од вештината на Тадааки. Преданието завршува дека од тогаш Муненори, во неколку наврати, тајно побарал и посетувал приватни часови кај Тадааки.

Битката кај Осака

Карактерот на Оно бил таков што не знаел како да се додворува кај официјалните лица на дворот на Шогунот, па така заработил нова казна. Имено, во 1615 година, последно жариште на отпорот против шогунатот Токугава било во Осака. За време на борбата, која на почетокот била успешна за војската на Токугава, се случило една самурајска единица од спротивната страна да успее да се пробие во близина на самиот Шогун и неговиот син Хидетада. Ситуацијата станала толку очајна што самиот Иејасу се подготвувал да изврши сеппуку, додека синот Хидетада го држел знамето кое било фрлено од еден од неговите телохранители кој избегал од страв. Борејќи се како лав и штитејќи ги своите господари, Оно се препуштил на гневот и на адреса на сите генерали и офицери на армијата испратил тешки и навредливи зборови. И покрај тоа што имал причина за таквото однесување, Оно Тадааки не бил добар оратор и не се ниту обидел да се извади од ситуацијата, па под притисок на армијата, Токугава морал да го казни со една година притвор. Набрзо бил ослободен откако, иако тешко болен, станал од кревет за да ликвидира убиец кого полицијата не била во можност да го уапси. Така, тој продолжил со подучување на ученици, посветувајќи им посебно внимание на својот помлад брат Таданари и на синот Тадатсуне, кој подоцна ги наследил тајните на школата.


Последната навреда

Поради својот строг карактер, Оно Тадааки ја доживеал последната казна во поодмината возраст од 70 години. Имено, еден ден тој заминал во некое доџо, кое за кратко време станало прочуено во Едо (Токио), убеден во тоа дека учителот бил фалбаџија без поседување вештина за борење со меч. Веднаш по влегувањето во просторијата, се упатил кон учителот и го удрил силно во пределот на лицето со својот тессен (метална лепеза), по што нападнатиот веднаш бил раскрварен и онесвестен. Ова го искористил Јагју кој го искритикувал неговото однесување пред Шогунот, велејќи дека таквиот начин е несоодветен за еден главен учител. Така, Тадааки бил уште еднаш казнет, но овој пат само формално, бидејќи дозволата да подучува не му била одземена. Починал во Нарита во 1628 година, каде што неговиот гроб може и ден-денес да се посети. Го наследил неговиот третороден син Оно Тадатсуне, кој на почетокот се викал Тадакатсу, но откако ја наследил школата, се прекрстил во Џироемон. Од тогаш па наваму, сите легитимни наследници го наследуваат и името Џироемон. Учителот Тадатсуне држел предавања на Шогунот Токугава Иемитсу, но и на други познати личности во тоа време. Како и татко му и тој одреден период бил протеран во Кадзуса-но-куни, но потоа се вратил назад во Едо. Тогаш го создал нивото Итто-рју Гокуи Мусокен. На серијата со одачи додал 4 техники и тоа: шутто, нјуто, кито и каито. Потоа во чест на својот татко го сменил и името на школото во Оно-ха Итто-рју, а поради почит кон него ја задржал истата цврстина како и тешкиот начин на вежбање. Потоа создал кожни ракавици таканаречени “ониготе” или во превод „демонски ракавици“, со цел да може да удри со полна сила и покрај употребата на тешкиот дрвен бокуто. На тој начин Тадатсуне не дозволил да се загуби борбениот дух и реалниот начин на сечење (кири) ниту во мирнодопски услови. Умрел на 58 години, на 6 декември, во 5-тата година од ерата Камбун.


Наследството на Оно-ха Итто-Рју во Аизу

Пред да го напушти земниот свет, Оно Тадатсуне го пренел целиот прирачник од Оно-ха Итто-рју на својот помлад брат Оно Џироемон Тадаоки, како и на Хошина Масајуки, кој всушност бил вонбрачен син на вториот Шогун, Хидетада Токугава. Инаку, Масајуки бил посвоен од страна на Хошина Масамитсу, кој бил во служба на кланот Аизу (Такеда), а со благослов на Хидетада, со цел да биде заштитен од легитимните наследници. Подоцна, тој бил признаен од страна на неговиот татко и брат (третиот Шогун) и на тој начин станал и Даимјо односно господар на Аизу. Од почит, Масајуки и неговиот клан станале едни од најлојалните сојузници на семејството Токугава. Со цел секогаш да бидат спремни да го одбранат Шогунот, тој наредил сите наследници од кланот Аизу да морат да ја изучуваат школата Оно-ха Итто-рју. Почнувајќи од Тадаоки, па преку различните наследници од кланот Аизу, техниките односно катите на школата почнале да се зголемуваат обликувајќи го денешниот изглед на Оно-ха Итто-рју (Такеда Ден).