Во одлична атмосфера, исполнета со многу тренинг, викендов што измина се одржа годишниот семинар со Шиханот Антонино Черта. Како и секоја година, така и оваа, тој ни предаде нови техники и принципи, кои треба да ги вежбаме до следната наша средба.
Иако, првично беше најавено дека оваа година ќе вежбаме кати од каталогот на Санкаџо, сепак во последен момент Сенсеи Черта се премисли и одлучи да ни предава кати од сите нивоа на Даито рју Аикиџуџутсу, а тоа го стори преку апликации (Ојо Ваза) на одбрана од техниката Гјаку Јокоменучи.
Што се однесува до Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда-ден), оваа година имавме среќа Сенсеи да ни ја предаде техниката Кири Отоши, која што се смета за јадро на школата. Истовремено ги повторивме и техниките кои досега сме ги научиле.
Слободното време, како и секогаш беше искористено за долги разговори со Сенсеи, а во врска со историјата на Даито рју, како и за времето кога тој вежбал со неговите учители: Сенсеи Токимуне Такеда, Сенсеи Като, Сенсеи Арисава и Сенсеи Сано. Не изостана и посетата на легендарната кооперација „Кај Дацко“ и дружење со локалните жители од местото каде што е сместено нашето Хомбу Доџо.
Да напоменеме и дека за време на настанот, на инструкторот Игор Довезенски му беше доделен нидан (втори дан), додека Марко Опачиќ се здоби шодан и со ново звање „фукушидоин“.
За следната година, веќе е најавен и следниот семинар.