Инструкторот на Даито рју Македонија – Корју Доџо, Игор Довезенски, минатата недела учествуваше на меѓународниот семинар за Оно ха Итто рју Кенџутсу, што се одржа во Италија под водство на Соке Сасамори Такеми. На настанот учествуваа околу 40 учесници од Германија, Италија, Америка, Белгија и Ирска.
Семинарот се одржуваше во спортската сала во градчето Градара, недалеку од Пезаро. Со Сасамори Соке, од Јапонија допатуваа и неговите ученици Асаи Сенсеи и Ишизаки Сенсеи, кои неуморно ги поправаа грешките кај учесниците и несебично го пренесуваа своето знаење. Веднаш по демонстрирањето на секоја ката, Сасамори Соке, кој инаку е 17-тиот наследник на Оно ха Итто рју, ги објаснуваше најважните детали кои треба да се применат во самата техника.
Што се однесува до организацијата, мораме да напоменеме дека домаќините се покажаа како многу љубезни и исполнителни во секој поглед. Нивното гостопримство беше видливо на секој чекор, а посебна благодарност упатуваме до организаторот на семинарот Роберто Фоглиета, како и до неговиот ученик Клаудио Чени.