Во организација на Даито рју Македонија – Корју Доџо, во Хомбу-то на „Пат кон Сонцето“ се одржа тридневен Аикиџуџутсу семинар предводен од единствениот нејапонски шихан за оваа вештина – Антонино Черта од Италија.
На настанот присуствуваа седуммина членови на Корју Доџо-то, кое е единствено во Македонија, но и пошироко на Балканот,
каде што може да се вежба класичната самурајска школа Даито рју Аикиџуџутсу.
Пред започнувањето на официјалниот дел од петочниот тренинг, учителот Черта најпрвин му „пренесе“ две нови кати на својот ученик Довезенски од школата Такеда-ден Оно ха Итто рју Кенџутсу, а потоа почна со подучување на напредните варијанти на катите од првиот каталог на Даито рју (Иккаџо).
Во саботата и во неделата, шиханот ги предаваше сите кати од секцијата Санкаџо односно десетте форми на Идори и десетте форми на Тачи Аи од третиот каталог.
Сенсеи Черта воодушевуваше со своето длабоко знаење на школата, а особено беа впечатливи деталите кои несебично ги споделуваше со учесниците, при што за секоја ката објаснуваше со голема љубов за карактеристичната изведба на истата од страна на неговите тројца јапонски учители. За време на паузите, како и секогаш, тој се трудеше на својот ученик Довезенски да му пренесе и колку што може повеќе знаење за историјата на вештината, но и за развојот на самата организација Даитокаи.
Малкуто слободно време беше искористено и за посета на културно-историските споменици на градот Скопје, а особена чест за инструкторот Довезенски претставуваше посетата на Сенсеи Черта на „Лабораторијата на Источни Култури“ на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, при што присуствуваше и на часот одржан од страна на својот личен ученик.
За време на поздравната свечена вечера, шиханот Черта му се довери на Довезенски дека наскоро ќе почне да ја пишува својата втора книга посветена на Даито рју Аикиџуџутсу, но засега не можеме да соопштиме повеќе детали околу насловот и темата на истата.
На крајот, останува да му се заблагодариме на нашиот учител за Даито рју за неговиот пренос на вештината на членовите на нашето доџо, а со нетрпение ќе го очекуваме следниот семинар закажан за следната година.