Октомврискиот интензивен Даито рју Аикиџуџутсу семинар привлече рекорден број посетители кои два дена неуморно и со огромна енергија ги вежбаа катите од првото ниво (иккаџо) на оваа традиционална јапонска борбена школа.
Вкупно 16 членови од нашето доџо, на најразлична возраст, го споделуваа своето искуство во оваа благородна самурајска боречка вештина, постојано следени од будното око на инструкторот Игор Довезенски.
Покрај тренингот, учесниците уживаа и во меѓусебното дружење, а исто така и во предавањето што Довезенски го одржа на тема: „Историјата на Даито рју Аикиџуџутсу и улогата на Сокаку и Токимуне Такеда во нејзиното оформување“.
Бидејќи Хомбу-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ е затворено во текот на зимските месеци, семинарите за оваа вештина ќе продолжат да се одржуваат во доџо-то во Скопје, додека редовните тренинзи си продолжуваат во „Лабораторијата за Источни Култури“ при Природно-математичкиот факултет во Скопје.