Семинар со шиханот Антонино Черта

Posted on Categories Почетна

Нашиот учител за Даито рју Аикиџуџутсу и за Оно ха Итто рју (Такеда-ден), шиханот Антонино Черта, ќе го одржи својот редовен годишен семинар на 16-17 април.

Предавањата ќе се одвиваат во Хомбу Доџо-то на Организацијата за изучување класични јапонски борбени вештини „Пат кон Сонцето“, сместено во долината под планината Липац. За нашите членови обезбедено е бесплатно сместување во рамките на самото доџо. 

Учесниците на семинарот, ќе имаат можност да учествуваат и на еден бесплатен и дополнителен час, што ќе се одржи во петок од 19:00 до 21:00 часот. 

Во сабота и во недела, тренинзите ќе се одвиваат од 10:00 до 12:00, а потоа од 16:00 до 18:00 часот (двата дена).

Тема на семинарот ќе биде Санкаџо односно катите од третиот каталог на Даито рју Аикиџуџутсу.   

Одржан февруарскиот Даито рју семинар

Posted on Categories Почетна

Февруарскиот семинар за Даито рју Аикиџуџутсу и овој пат се одржа во скопското Корју Доџо. Веќе од следниот месец, месечните семинари се селат во Хомбу Доџо-то на Пат кон Сонцето, во долината под планината Липац. 

Овој пат тема на настанот беше Ханза Хандачи од каталогот на Никаџо.
Инструкторот Довезенски детално ги предаде и објасни сите пет кати, по што учениците внимателно и посветено ги повторуваа. Последниот саат беше резервиран за повторување на катите од првиот каталог (Иккаџо), со цел да се провери знаењето и напредокот на членовите на Корју Доџо-то.
Полека се наближува и датумот кога нашиот Учител, Антонино Черта, ќе ја посети нашата земја со цел повторно да ни пренесе дел од своето богато знаење за оваа стара и благородна самурајска вештина.   

Одржан првиот Даито рју семинар во новата година

Posted on Categories Почетна

На исклучително ладно време со температура во доџо-то под нула, инструкторот Довезенски го одржа првиот семинар во новата 2016-та година. Иако прозорците и водата во шишињата беа замрзнати, а стопалата пожолтени од премрзнување, никој од учесниците ниту еднаш не се пожали поради условите кои ги имавме за време на тренингот. 

За време на настанот, Довезенски подучуваше девет техники од вториот каталог на Даито рју Аикиџуџутсу (Никкаџо) односно ги предаваше катите: Коте Зуме, Гјаку Дасуки, Хиџи Киџики, Коха Гаеши и Шуто Зуме од Идори, како и Гјаку Дасуки, Хиџи Отоши, Куби Наге и Сусо Бараи од Тачи Аи. 
Следниот Даито рју семинар со инструкторот Довезенски ќе се одржи на 14 февруари.    

Последниот овогодишен Даито рју Аикиџуџутсу семинар се одржа во Скопје

Posted on Categories Почетна

Вчера, во скопското доџо на организацијата „Пат кон Сонцето“, се одржа последниот семинар за Даито рју Аикиџуџутсу за 2015-та година. 

За време на настанот, учесниците беа поделени во две групи односно во првата се вежбаа техниките од програмата за полагање 6-ти кју, додека во втората беа напредните ученици кои ги вежбаа катите од првиот каталог (Иккаџо) од 118-те тајни техники (Хиден Мокуроку) на вештината. Додека почетниците успешно ги повторуваа основите на движењето на телото, како и начините на удирање, напредните вежбачи го втемелуваа знаењето стекнато во претходните години. Нивниот напредок беше видлив на секое поле. 
Оваа година беше доста успешна за Даито рју Македонија – Корју Доџо. Иако бројот на членовите кои ја вежбаат оваа самурајска боречка вештина се уште е мал, сепак нивната посветеност е на доста големо ниво. 
Во текот на 2015 година, се одржаа вкупно седум семинари на кои инструкторот Довезенски го пренесуваше своето знаење од школата. Во април, го организиравме традиционалниот годишен семинар со учителот Антонино Черта, при што шиханот не подучуваше на некои нови техники од вештината. За време на настанот, учителот Черта му додели втор дан (Нидан) на инструкторот Довезенски, додека на нашиот член Марко Опачиќ му беше доделена титула фукушидоин, при што беше промовиран во прв дан (Шодан). 
Во месецот јуни, се одржа традиционалниот Оно ха Итто рју (Такеда-ден) семинар, насловен како „Кенџутсу под Ѕвездите на Липац“, што секогаш се одржува во чест на нашиот учител Черта, а една недела претходно Довезенски учествуваше на меѓународниот семинар во Градара (Италија) под водство на наследникот на Оно ха Итто рју Кенџутсу – Соке Сасамори Такеми. За тие што не знаат, оваа самурајска мечувалска школа во минатото била задолжителна за сите самураи од кланот Такеда, а благодарение на неа, полесно можат да се разберат принципите на вештината Даито рју Аикиџуџутсу. 
Следниот семинар со инструкторот Довезенски веќе е закажан за јануари, додека Сенсеи Черта повторно ќе ни предава во Македонија во април (2016-та).   

Одржан неделен мини-семинар во Скопје

Posted on Categories Почетна

Во организација на Корју Доџо-то на Даито рју Македонија, во неделата се одржа четири часовен мини семинар за аикиџуџутсу. На семинарот присуствуваа 10-тина членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“ кои неуморно го впиваа знаењето за оваа благородна јапонска самурајска борбена вештина.   

Инструкторот Игор Довезенски предаваше техники од првиот каталог на првото ниво (иккаџо), но овој пат на малку поинаков начин. Имено, секоја од катите беше најпрвин предадена и вежбана во нејзината оригинална форма, за потоа истата се изведуваше со различен напад од страна на противникот. Овој начин придонесе учесниците да согледат една поинаква перспектива на вештината, а истовремено подлабоко да ја разберат суштината на самата техника. 
На крајот, беше договорено да се одржат уште неколку вакви неделни мини-семинари до крајот на годинава.