Единаесет години по ред на мистичната планина Липац секој јуни одекнуваат извиците на Воините на „Пат кон Сонцето“, кои во текот на два дена неуморно ја вежбаат древната самурајска мечувалска вештина Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда-ден).
А како и секогаш, атмосферата за време на семинарот е величенствена, пријатна, свечена и семејна.
По истиот распоред што се следи секоја година, учителот Игор Довезенски, несебично го споделуваше своето знаење за вештината со меч, која некогаш била обврзувачка за младите наследници на шогунатот Токугава.
Тоа по што овој семинар се разликуваше од изминатите е големиот број на почетници кои успешно ги заменија ветераните кои од оправдани причини не беа во можност да учествуваат.
Да не должиме многу, да напоменеме само дека сите учесници се покажаа одлично, а особено во однос на воинскиот дух кој е потребен за да се биде член на Организацијата „Пат кон Сонцето.
Особено би го пофалиле најмалиот учесник Петар Довезенски, кој со тукушто наполнети десет години, два дена неуморно вежбаше и маршираше под жешкото сонце на падините на Липац, пробивајќи се низ стрмните карпи и бодликави грмушки.