Скромно и во намален состав, викендов се одржа дванаесетото издание на традиционалниот семинар „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“.
Истовремено, поради неочекувани проблеми што се појавија буквално неколку саати пред почетокот, учителот Игор Довезенски мораше да ја смени и локацијата на настанот. Така, место во дворот на Бељаковскиот Манастир, семинарот се одржа во дворот на Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“.
Учителот Довезенски на учесниците им ја пренесуваше школата Оно ха Итто рју Такеда-ден, онака како што тој ја учел од својот учител Антонино Черта, за време на својата прва посета на неговото доџо во Милано.
За време на настанот, успешно беа повторени речиси сите основни техники од курикулумот на вештината, а некои од учесниците покажаа многу солидни резултати и напредок.