Ехото создадено од силното киаи на воините на Организацијата „Пат кон Сонцето“ за последен пат ечеше во знак на почит кон нашиот Даито рју Аикиџуџутсу учител Антонино Черта, но и како најава за затворањето на семинарот што беше создаден во негова чест.
По цели 13 години, настанот што се одржуваше на врвот на Липац, како и во дворот на преубавиот Бељаковски Манастир, го доживеа својот крај. А старите мудреци одамна кажале дека се што е убаво има и свој крај, меѓутоа не заборавиле да додадат дека за да се роди нешто ново, треба нешто старо да оконча.
Убавите спомени од овој семинар, како и специфичниот ритам, специјалната програма и пејсажите кои го одземаат здивот ќе останат засекогаш врежани во нашите срца. А за крај на овој извештај, еден мал дел од последните коментари на двајца наши членови, напишани на интерниот форум:
„Чувството беше неверојатно. Секоја година си има некоја посебна искра која тлее за време на семинарот за Оно ха Итто рју. Секој што учествувал знае колку е убаво, иако се смета за еден од потешките семинари, за кои е потребно добра кондиција, концентрација, сила и техника. Мило ми е што со нас повторно беше нашиот поранешен член Дамјан Стојановски – Снагата. Покажа дека тоа што го научил пред 5-6 години, сеуште ’лежи’ во него и за време на целиот семинар не’ престана да се труди. Тој исто така покажа и како се’ сака и почитува Доџото. Иако повеќе не е активен, се надевам дека ќе не дружи повторно на некој од следните семинари.
Сите други беа ’ѕверови’ и стануваат се подобри и подобри. Петарче и Ксенија морам да ги пофалам особено, бидејќи цело време работеа силно и непрекинато.
Исто така, многу ми е мило што дојде и Радица. На враќање ми кажа дека прекрасно си поминала, иако не вежбаше со нас, сепак дружбата и времето што го поминала и подариле преубави чувства.
Му се заблагодарувам и на шидоши хо Марко што постојано не’ исправаше секогаш кога правевме грешки во техниката. И секако, најголема благодарност имам кон Сенсеи, кој непрекинато се труди и вложува во нас, со цел да бидеме поуспешни и подобри на секое поле“ – Михаил Дракалски
„Има еден момент, кога ќе се вратиш дома од неверојатен семинар и почнуваш да си ги враќаш сликите од истиот.
Релативно долго сум во ова Доџо и со Сенсеи и со останатите соборци и сум бил сведок како многу легендарни семинари го завршиле својот богат живот. Некои од нив повторно се вратиле, а некои ќе останат запишани и запаметени во историјата на Буџинкан Македонија.
Мислам дека сосема соодветно и на најдобар можен начин го затворивме и овој семинар. Жал ми е што прекина во овој формат, но можеби е време некој нов да се роди.
Кога зборувавме вечерта за причината и како понатаму би продолжила да се вежба оваа школа во нашата Организација, ми дојде една добра идеја. На тоа свето место односно во дворот на Бељаковскиот Манастир би можеле да продолжиме со тренинг со нагината – од школата Шинден Фудо рју. Се надевам дека мојата идеја ќе биде прифатена и остварена“ – Владимир Антовски