ИСТОРИСКО ОВЛАСТУВАЊЕ ЗА СВЕТСКО ШИРЕЊЕ, ПРЕНОС И ЗАЧУВУВАЊЕ НА АВТЕНТИЧНОСТА НА ДАИТО РЈУ АИКИЏУЏУЦУ

Posted on Categories Почетна

Тринаесет години по првичното овластување, со кое претседателот на ДаитоКаи Интернешнал, учителот Антонино Черта, му ја довери на својот ученик од Македонија, Игор Довезенски, одговорноста за ширење на Даито рју АикиЏуџуцу во Југоисточна Европа, пристигна ново, исклучително значајно признание.

Имено, учителот Игор Довезенски доби официјално овластување со кое му се доверува правото и одговорноста да го шири, промовира и предава Даито рју АикиЏуџуцу на светско ниво, како и да се грижи за зачувувањето на неговата автентичност и за верниот пренос на оригиналните техники и принципи на оваа традиционална јапонска боречка вештина. Ова високо признание доаѓа по шеснаесет години посветено и континуирано практикување на вештината, како и активно членување во интернационалната организација ДаитоКаи.

Организацијата е предводена од шиханот Антонино Черта – единствениот нејапонски мајстор надвор од Јапонија кој ја поседува лиценцата и титулата шихан во рамките на оваа традиција. Оваа голема чест и одговорност му припадна на учителот Игор Довезенски, кој, според досегашните сознанија, е единствениот член на организацијата кому му е доделено вакво овластување со светски опсег, кое опфаќа ширење, промовирање и предавање на Даито рју АикиЏуџуцу, како и грижа за зачувување на неговата изворна форма и автентичност. За Игор Довезенски и за Даито рју Македонија, ова претставува огромна чест, но пред сè и голема обврска. Доверената задача подразбира не само пренесување на знаењето, туку и одговорност кон традицијата, нејзиното наследство и кон сите идни генерации практиканти.

Му упатуваме искрена благодарност на нашиот учител и шихан, Антонино Черта, за укажаната доверба, признанието и честа што ни ги укажа.
Ветуваме дека довербата никогаш нема да ја изневериме и дека со целосна посветеност, почит и одговорност ќе продолжиме да ја чуваме, пренесуваме и шириме автентичната традиција на Даито рју АикиЏуџуцу низ целиот свет.