Одржан октомврискиот интензивен Даито рју семинар

Posted on Categories Почетна

Октомврискиот интензивен Даито рју семинар повторно ги собра на едно место членовите на „Корју Доџо-то“ од Организацијата „Пат кон Сонцето“. 

Тренингот како и секогаш се одвиваше со многу засилена динамика, без нималку штедење ниту во физичка ниту во ментална смисла, што беше показател дека материјалот од нивото Иккаџо се подобро се совладува.
Во текот на вториот ден, интензивно се вежбаа катите од второто ниво (Никкаџо), а големо изненадување беше брзиот напредок на нашиот член Дарко Неделковски, кој со своето залагање брзо ги освои симпатиите на постарите ученици.
Во слободното време, инструкторот Довезенски на учениците им раскажуваше некои случки од тренингот со Сенсеи Антонино Черта во Италија, како и за некои настани кои се поврзани со овој голем човек и учител. 
По завршувањето на семинарот, на интерниот Форум на „Пат кон Сонцето“, инструкторот Довезенски го напиша следното:
„И кога ми беше најтешко и кога немав никакви услови за тренинг на Даито рју Аикиџуџутсу. И кога немав финансии и подршка од никого – НЕ СЕ ОТКАЖАВ! Не само затоа што јас НИКОГАШ не се откажувам, туку и поради еден прекрасен човек со име Антонино Черта. Мојот Учител за Даито рју Аикиџуџутсу. 
И успеав. Го создадов Корју Доџо-то. Го издигнав од пепел. Се оформи стабилна и сериозна група на ученици, која иако мала, до уши е вљубена во оваа стара и благородна боречка вештина. 
И не само тоа. Поради љубовта и почитта кон Сенсеи Черта и поради грижата на совест дека не правам доволно за НЕГО, ја внесов вештината Даито рју во редовната програма на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Вчера разбрав дека студенти од други факултети сакаат да го изберат предметот во кој се одржуваат вежби за Даито рју.
И да знаеш Сенсеи Черта, не застанувам тука. Ниту јас, ниту моите (твоите) ученици од Македонија. Ќе ја вежбаме „твојата“ вештина и ќе ја пренесуваме традицијата на твојот учител Токимуне Такеда додека сме живи!“