Вчера, во скопското доџо на организацијата „Пат кон Сонцето“, се одржа последниот семинар за Даито рју Аикиџуџутсу за 2015-та година.
За време на настанот, учесниците беа поделени во две групи односно во првата се вежбаа техниките од програмата за полагање 6-ти кју, додека во втората беа напредните ученици кои ги вежбаа катите од првиот каталог (Иккаџо) од 118-те тајни техники (Хиден Мокуроку) на вештината. Додека почетниците успешно ги повторуваа основите на движењето на телото, како и начините на удирање, напредните вежбачи го втемелуваа знаењето стекнато во претходните години. Нивниот напредок беше видлив на секое поле.
Оваа година беше доста успешна за Даито рју Македонија – Корју Доџо. Иако бројот на членовите кои ја вежбаат оваа самурајска боречка вештина се уште е мал, сепак нивната посветеност е на доста големо ниво.
Во текот на 2015 година, се одржаа вкупно седум семинари на кои инструкторот Довезенски го пренесуваше своето знаење од школата. Во април, го организиравме традиционалниот годишен семинар со учителот Антонино Черта, при што шиханот не подучуваше на некои нови техники од вештината. За време на настанот, учителот Черта му додели втор дан (Нидан) на инструкторот Довезенски, додека на нашиот член Марко Опачиќ му беше доделена титула фукушидоин, при што беше промовиран во прв дан (Шодан).
Во месецот јуни, се одржа традиционалниот Оно ха Итто рју (Такеда-ден) семинар, насловен како „Кенџутсу под Ѕвездите на Липац“, што секогаш се одржува во чест на нашиот учител Черта, а една недела претходно Довезенски учествуваше на меѓународниот семинар во Градара (Италија) под водство на наследникот на Оно ха Итто рју Кенџутсу – Соке Сасамори Такеми. За тие што не знаат, оваа самурајска мечувалска школа во минатото била задолжителна за сите самураи од кланот Такеда, а благодарение на неа, полесно можат да се разберат принципите на вештината Даито рју Аикиџуџутсу.
Следниот семинар со инструкторот Довезенски веќе е закажан за јануари, додека Сенсеи Черта повторно ќе ни предава во Македонија во април (2016-та).