Одржан „Кенџутсу под ѕвездите на Липац VIII“

Posted on Categories Почетна

Заврши и осмиот по ред семинар што секоја година го одржуваме во чест на нашиот Даито рју Аикиџуџутсу учител, шиханот Антонино Черта.


И овој пат од мистичната планина Липац се вративме со повеќе знаење и повеќе искуство за школата Оно ха Итто рју Кенџутсу Такеда ден.
Двата дена за време на викендот поминаа во тренинг и незаборавно дружење, секако зачинето со неизбежната заедничка вечера, стражата и чистењето на конаците на манастирот.

Овој настан секогаш привлекувал многу учесници односно членови на нашето доџо, а така беше и овој пат.
Дванаесет Воини на „Пат кон Сонцето“ неуморно ги вежбаа и ги усовршуваа техниките на моќната самурајска мечувалска школа, која веќе неколку генерации се изучува од страна на познатиот клан Такеда.

Очекуваме следната година настанот да се збогати со уште повеќе учесници, а ветуваме дека знаењето кое ќе го добијат на семинарот ќе им служи до крајот на нивните животи.

На крајот, ќе Ви пренесеме еден сосема мал дел од големиот текст кој Сања Симонова го напиша за семинарот.

„Оваа година дванаесет воини се одважија да тргнат кон манастирот св. Ѓорги и да ја вежбаат школата Оно Ха Итто Рју Такеда-ден во чест на нашиот учител за Даито Рју, шиханот Антонино Черта. Патувањето до Хомбу секогаш е исполнето со шеги и со прераскажување на легендарните случки во ’Пат кон Сонцето’.
До Хомбу сме патници – од Хомбу натаму сме ратници.
Маршот до Бељаковски Манастир траеше околу два ипол часа. Како навлегувавме подлабоко во шумите, така се поинтензивно се чувстуваше мирисот на разните тревки, на мајчината душичка, на јаготките.
Последниот односно третиот тренинг во сабота е некако најубав. Таа гратска гнасотија што сме ја однеле таму ја снемува и полека се претопуваме со природата и со целата нејзина убавина.
Она во што јас лично многу уживам е кога ќе се наредиме во круг пред конаците на врелиот бетон, на стемнување, кога конечно ќе ги соблечеме чизмите и ќе згазиме на загреаниот бетон боси, а имаме повеќе од саат ипол време за разговор со Сенсеи.
Годинава отворивме навистина многу интересни теми и добивме многу ’нинџарски’ одговори, а тоа е уште една цигла за зацврстување на нашиот дух. Многу психолошки, духовни прашања, многу искрени и конкретни одговори и многу убави настани во најава.
Тие што не биле во природа на еден ваков семинар, навистина не се свесни што пропуштаат. Вистинската радост, доаѓа од вистинскиот труд.
Околу 22.00 часот се служи ’светиот грав’ и се прават салатки и сите заедно вечераме.
По соопштувањето на распоредот за стража, Сенсеи го праша Давор: ’Ќе издржиш три саати на стража’? А Давор непоколебливо и како од пушка рече: ’Да’!
Тогаш Сенсеи му кажа: ’Значи не си веќе дете, сега си момче’.
Не можам ни од близу да ви доловам какви се внатрешните светови на вежбачите тие два дена. Тешко е, напорно е. Немаш ништо – а ништо не ти фали.
Се вежба цело време. Се потиш, дехидрираш, огладнуваш, не спиеш… ама многу е убаво. Многу е убаво да си опкружен со воински срца и со таков хумор во тоа зеленило и да слушаш уки и поуки од Учителот. Понекогаш подзабораваме колку сме близу до исклучително богатиот извор на знаење. Или пак, мислиме дека изворот секогаш изобилно блика за нас, па затоа не се доближуваме премногу близу за да се напиеме од најчистата вода…“