Одржан последниот Аикиџуџутсу интензивен семинар за првото полугодие

Posted on Categories Почетна

Во Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“, викендов што измина се одржа последниот семинар за Даито рју Аикиџуџутсу за првото полугодие на 2017-та.

За време на настанот учесниците вежбаа и проучуваа кати од првите три нивоа: Иккаџо, Никкаџо и Санкаџо.

Инструкторот Игор Довезенски ги објаснуваше техниките во најситни детали, при тоа одржувајќи и кратко предавање за историјата и создавањето на вештината.

Слободното време помина во кино-проекција на филм со нинџа тематика, при што како и секогаш до израз дојде семејната атмосфера која задолжително се создава за време на семинарите во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“.

Сега следува едномесечна пауза, бидејќи членовите на Даито рју Македонија – Корју Доџо, секоја година партиципираат на Летниот Нинџа Камп на Буџинкан Македонија, по што редовните тренинзи и семинари ќе продолжат во септември.

Ви посакуваме долго и пријатно лето!

Одржан јунскиот интезивен Даито рју Аикиџуџутсу семинар

Posted on Categories Почетна

Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ беше местото каде што во одлична атмосфера се одржа јунскиот семинар за Даито рју Аикиџуџутсу.

До текот на двата дена, под будното око на инструкторот Довезенски, учесниците за прв пат ги вежбаа катите од третото ниво – Санкаџо. Нивната комплексност допринесе тренингот да помине во не толку динамична атмосфера како што речиси секогаш е случај за време на интензивните семинари. Наместо тоа, членовите на Корју Доџо-то внимателно се трудеа да ги копираат и да ги разберат движењета на својот учител.

Беше договорено и следниот месец односно во јули, повторно да се повторат истите кати, со цел подобро да се научат.

Одржан „Кенџутсу под ѕвездите на Липац VIII“

Posted on Categories Почетна

Заврши и осмиот по ред семинар што секоја година го одржуваме во чест на нашиот Даито рју Аикиџуџутсу учител, шиханот Антонино Черта.


И овој пат од мистичната планина Липац се вративме со повеќе знаење и повеќе искуство за школата Оно ха Итто рју Кенџутсу Такеда ден.
Двата дена за време на викендот поминаа во тренинг и незаборавно дружење, секако зачинето со неизбежната заедничка вечера, стражата и чистењето на конаците на манастирот.

Овој настан секогаш привлекувал многу учесници односно членови на нашето доџо, а така беше и овој пат.
Дванаесет Воини на „Пат кон Сонцето“ неуморно ги вежбаа и ги усовршуваа техниките на моќната самурајска мечувалска школа, која веќе неколку генерации се изучува од страна на познатиот клан Такеда.

Очекуваме следната година настанот да се збогати со уште повеќе учесници, а ветуваме дека знаењето кое ќе го добијат на семинарот ќе им служи до крајот на нивните животи.

На крајот, ќе Ви пренесеме еден сосема мал дел од големиот текст кој Сања Симонова го напиша за семинарот.

„Оваа година дванаесет воини се одважија да тргнат кон манастирот св. Ѓорги и да ја вежбаат школата Оно Ха Итто Рју Такеда-ден во чест на нашиот учител за Даито Рју, шиханот Антонино Черта. Патувањето до Хомбу секогаш е исполнето со шеги и со прераскажување на легендарните случки во ’Пат кон Сонцето’.
До Хомбу сме патници – од Хомбу натаму сме ратници.
Маршот до Бељаковски Манастир траеше околу два ипол часа. Како навлегувавме подлабоко во шумите, така се поинтензивно се чувстуваше мирисот на разните тревки, на мајчината душичка, на јаготките.
Последниот односно третиот тренинг во сабота е некако најубав. Таа гратска гнасотија што сме ја однеле таму ја снемува и полека се претопуваме со природата и со целата нејзина убавина.
Она во што јас лично многу уживам е кога ќе се наредиме во круг пред конаците на врелиот бетон, на стемнување, кога конечно ќе ги соблечеме чизмите и ќе згазиме на загреаниот бетон боси, а имаме повеќе од саат ипол време за разговор со Сенсеи.
Годинава отворивме навистина многу интересни теми и добивме многу ’нинџарски’ одговори, а тоа е уште една цигла за зацврстување на нашиот дух. Многу психолошки, духовни прашања, многу искрени и конкретни одговори и многу убави настани во најава.
Тие што не биле во природа на еден ваков семинар, навистина не се свесни што пропуштаат. Вистинската радост, доаѓа од вистинскиот труд.
Околу 22.00 часот се служи ’светиот грав’ и се прават салатки и сите заедно вечераме.
По соопштувањето на распоредот за стража, Сенсеи го праша Давор: ’Ќе издржиш три саати на стража’? А Давор непоколебливо и како од пушка рече: ’Да’!
Тогаш Сенсеи му кажа: ’Значи не си веќе дете, сега си момче’.
Не можам ни од близу да ви доловам какви се внатрешните светови на вежбачите тие два дена. Тешко е, напорно е. Немаш ништо – а ништо не ти фали.
Се вежба цело време. Се потиш, дехидрираш, огладнуваш, не спиеш… ама многу е убаво. Многу е убаво да си опкружен со воински срца и со таков хумор во тоа зеленило и да слушаш уки и поуки од Учителот. Понекогаш подзабораваме колку сме близу до исклучително богатиот извор на знаење. Или пак, мислиме дека изворот секогаш изобилно блика за нас, па затоа не се доближуваме премногу близу за да се напиеме од најчистата вода…“

Кенџутсу под ѕвездите на Липац VIII

Posted on Categories Почетна

Оваа година по осми пат Доџо-то за класични јапонски боречки вештини Даито рју Македонија – Корју Доџо, а со подршка на Организацијата за изучување на традиционални јапонски борбени вештини – Пат кон Сонцето, го организира традиционалниот семинар во природа насловен како „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“.


Овој настан се одржува еднаш годишно за време на првиот или вториот викенд од јуни, во чест на нашиот Даито рју Аикиџуџутсу учител – шиханот Антонино Черта.

За време на дводневниот семинар, членовите на Даито рју Македонија и на Пат кон Сонцето, ги вежбаат техниките од школата Оно ха Итто рју (Такеда-ден). Оваа моќна мечувалска вештина, во минатото била задолжителна за сите членови на познатиот самурајски клан Такеда. Поради нејзината моќност и ефикасност, школата била една од двете официјални кенџутсу вештини кои што се изучувале од страна на припадниците на семејството на јапонските шогуни од кланот Токугава.

Членовите на нашето доџо, овој настан секоја година го чекаат со нетрпение. За време на дводневниот тренинг во природа, на врвот на мистичната планина Липац, учениците од сите степени имаат можност да се дружат меѓу себе и подобро да се запознат.

Во текот на деновите, ќе се одржуваат по три тренинзи, а вечерта ќе биде резервирана за дружење околу огнот, проследена со вкусно гравче и по некое пивце.

Ден: 10/11 јуни, 2017 година (поаѓање од Скопје во 07.00)

Место: под ѕвездите на планината Липац.

Опрема: вреќа за спиење, кеико ги, хеланки, кјахани или високи чорапи (против крлежи), бокуто (може и резервен), храна и вода.

За дополнителни информации јавете се на нашиот телефон 075 564 011.

Семинарот е отворен за сите, без разлика на стилот и вештината.

Ако Ви е потребна опрема, информирајте не на време.

Настанот ќе се одржи без разлика на временските услови.

Довезенски и Опачиќ на семинар со шиханот Черта во Рим

Posted on Categories Почетна

Инструкторот на Даито рју Македонија – Корју Доџо, Игор Довезенски, во придружба на својот заменик Марко Опачиќ, земаа учество на меѓународниот семинар за Аикиџуџутсу што се одржа во италијанскиот главен град – Рим.

На настанот учествуваа околу 30 души, главно од доџоата на земјата домаќин, а покрај македонските кобудо-ки, присутен беше уште претставникот од Чешката Република.

На семинарот за прв пат беа претставени и техниките од прастарата јапонска боречка вештина Сумо, кои одиграле голема улога при создавањето на традиционалите школи, меѓу кои и во оформувањето на Даито рју Аикиџуџутсу. Токму затоа, шиханот Антонино Черта одлучи дека членовите на организацијата ДаитоКаи треба да го истражуваат и Сумо-то, за да можат подобро да ги запознаат традиционалните вештини (Корју Буџутсу).

Инаку, тема на настанот беа катите од четвртиот каталог (Јонкаџо), што всушност беше од неверојатна корист за членовите на нашето доџо, особено поради фактот што во Даито рју Македонија досега се изучувале техниките од првите три каталози (Иккаџо, Никкаџо и Санкаџо).

За време на саботната вечера, шиханот Черта на инструкторот Довезенски му подари деншо со техниките од Сумо, а беше разговарано и за следните семинари во Македонија и во Италија, на кои треба да се продолжи со усовршувањето на македонските инструктори.