Одржан ноемврискиот Даито рју Аикиџуџутсу семинар

Posted on Categories Почетна

Во Даито рју Македонија – Корју Доџо, предводено од шидоин Игор Довезенски, вчера се одржа редовниот месечен Аикиџуџутсу семинар, овој пат на тема Санкаџо.

Преубава атмосфера на крајот ја дополни фуку-шидоин Марко Опачиќ, кој пред останатите членови изјави:

„За време на денешниот семинар почнавме директно со катите, кои во Санкаџо се многу болни, но и тешки за изведба. Се гледа дека е нешто ново за нас и дека треба премногу тренинг за да го усовршиме и ова ниво. Не ’поминавме’ ниту 15 кати, а времето летна навистина брзо, не се ни забележа. Знам само дека сите уживавме во тренингот.
Техниките се навистина преубави, но како што кажав треба време да се научат. Добро е тоа што Сенсеи ни кажа дека цела зима ќе го усовршуваме ова ниво, со оглед на тоа што во Хомбу оваа година најмногу се фокусиравме на Икаџо и Никаџо.
Ова е навистина добро време да се усоврши Санкаџо (знае Сенсеи што прави). Му благодарам што го одвојува секој викенд за наше усовршување, а знам како се подготвува пред секој семинар и сигурен сум дека има ученици кои навистина го почитуваат тоа“.

Одржан последниот интензивен Даито рју Аикиџуџутсу семинар во Хомбу за оваа година

Posted on Categories Почетна

Преубавиот есенски и сончев викенд само ја дополни идиличната слика за време на одржувањето на последниот интензивен Даито рју Аикиџуџутсу семинар во Хомбу Доџо-то за 2017-та година.


Учесниците на настанот повторно имаа можност да ги вежбат преубавите кати од вториот каталог познат под името Никкаџо.

Инструкторот Довезенски се трудеше на сите да им пренесе колку што е можно повеќе знаење од овие древни техники користени од страна на моќниот самурајски клан Аизу / Такеда. Секоја ката беше детално објаснета, а најпрвин беа покажани во полна брзина, за потоа да се објаснат и најситните детаљи од истата.

Инаку, секоја година за време на последниот викенд во октомври се одржува последниот интензивен семинар во Хомбу-то, по што следува четиримесечна пауза односно дополнителните настани се префрлуваат во доџото во Скопје.

 

Одржан првиот интензивен Аикиџуџутсу семинар во Хомбу во второто полугодие

Posted on Categories Почетна

Викендов што измина во Хомбу Доџо-то на Даито рју Македонија се одржа првиот интензивен Аикиџуџутсу семинар во второто полугодие.
Во прекрасна атмосфера, дополнета поради преубавите временски услови, инструкторот Игор Довезенски на своите ученици до најситни детаљи уште еднаш им ги појасни сите кати од првиот каталог (Иккаџо).
Како и секогаш, низ воздухот лебдеше онаа позитивна енергија создадена поради љубовта кон класичните јапонски боречки вештини од страна на членовите на доџо-то, но истовремено и поради блискоста и довербата стекнати низ годините заедничко вежбање и дружење.

На крајот, беше договорено следниот интензивен Даито рју Аикиџуџутсу семинар во Хомбу Доџо-то да се одржи на средината на октомври.

Одржан последниот Аикиџуџутсу интензивен семинар за првото полугодие

Posted on Categories Почетна

Во Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“, викендов што измина се одржа последниот семинар за Даито рју Аикиџуџутсу за првото полугодие на 2017-та.

За време на настанот учесниците вежбаа и проучуваа кати од првите три нивоа: Иккаџо, Никкаџо и Санкаџо.

Инструкторот Игор Довезенски ги објаснуваше техниките во најситни детали, при тоа одржувајќи и кратко предавање за историјата и создавањето на вештината.

Слободното време помина во кино-проекција на филм со нинџа тематика, при што како и секогаш до израз дојде семејната атмосфера која задолжително се создава за време на семинарите во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“.

Сега следува едномесечна пауза, бидејќи членовите на Даито рју Македонија – Корју Доџо, секоја година партиципираат на Летниот Нинџа Камп на Буџинкан Македонија, по што редовните тренинзи и семинари ќе продолжат во септември.

Ви посакуваме долго и пријатно лето!

Одржан јунскиот интезивен Даито рју Аикиџуџутсу семинар

Posted on Categories Почетна

Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ беше местото каде што во одлична атмосфера се одржа јунскиот семинар за Даито рју Аикиџуџутсу.

До текот на двата дена, под будното око на инструкторот Довезенски, учесниците за прв пат ги вежбаа катите од третото ниво – Санкаџо. Нивната комплексност допринесе тренингот да помине во не толку динамична атмосфера како што речиси секогаш е случај за време на интензивните семинари. Наместо тоа, членовите на Корју Доџо-то внимателно се трудеа да ги копираат и да ги разберат движењета на својот учител.

Беше договорено и следниот месец односно во јули, повторно да се повторат истите кати, со цел подобро да се научат.