Одржан мајскиот интензивен семинар за Даито рју Аикиџуџутсу
Викендов што измина во Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ се одржа мајскиот интензивен семинар.
Како што е веќе познато, Даито рју Македонија секој месец одржува по еден викенд-интензивен семинар на кој што инструкторот Игор Довезенски ги подучува своите ученици на техниките од оваа стара и благородна самурајска вештина.
На последниот настан, почетниците имаа можност да се запознат со катите од првиот каталог (Икаџо), додека понапредните ги вежбаа и техниките од вториот каталог познат под името Никаџо.
Како и на секој интензивен семинар во главното доџо на „Пат кон Сонцето“, Довезенски несебично го споделуваше своето знаење, а го предаваше со објаснувања за најситните детали за школата. Секако, учениците постојано имаа можност да поставуваат прашања на кои веднаш добиваа одговор од страна на инструкторот.
На крајот беше договорено следниот семинар да се одржи при крајот на месецот јуни. Ве покануваме да ни се придружите во тренинзите.
Одржан семинарот со учителот Антонино Черта
Во организација на Даито рју Македонија – Корју Доџо, во Хомбу-то на „Пат кон Сонцето“ се одржа тридневен Аикиџуџутсу семинар предводен од единствениот нејапонски шихан за оваа вештина – Антонино Черта од Италија.
На настанот присуствуваа седуммина членови на Корју Доџо-то, кое е единствено во Македонија, но и пошироко на Балканот,
каде што може да се вежба класичната самурајска школа Даито рју Аикиџуџутсу.
Пред започнувањето на официјалниот дел од петочниот тренинг, учителот Черта најпрвин му „пренесе“ две нови кати на својот ученик Довезенски од школата Такеда-ден Оно ха Итто рју Кенџутсу, а потоа почна со подучување на напредните варијанти на катите од првиот каталог на Даито рју (Иккаџо).
Во саботата и во неделата, шиханот ги предаваше сите кати од секцијата Санкаџо односно десетте форми на Идори и десетте форми на Тачи Аи од третиот каталог.
Сенсеи Черта воодушевуваше со своето длабоко знаење на школата, а особено беа впечатливи деталите кои несебично ги споделуваше со учесниците, при што за секоја ката објаснуваше со голема љубов за карактеристичната изведба на истата од страна на неговите тројца јапонски учители. За време на паузите, како и секогаш, тој се трудеше на својот ученик Довезенски да му пренесе и колку што може повеќе знаење за историјата на вештината, но и за развојот на самата организација Даитокаи.
Малкуто слободно време беше искористено и за посета на културно-историските споменици на градот Скопје, а особена чест за инструкторот Довезенски претставуваше посетата на Сенсеи Черта на „Лабораторијата на Источни Култури“ на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, при што присуствуваше и на часот одржан од страна на својот личен ученик.
За време на поздравната свечена вечера, шиханот Черта му се довери на Довезенски дека наскоро ќе почне да ја пишува својата втора книга посветена на Даито рју Аикиџуџутсу, но засега не можеме да соопштиме повеќе детали околу насловот и темата на истата.
На крајот, останува да му се заблагодариме на нашиот учител за Даито рју за неговиот пренос на вештината на членовите на нашето доџо, а со нетрпение ќе го очекуваме следниот семинар закажан за следната година.
Семинар со шиханот Антонино Черта
Нашиот учител за Даито рју Аикиџуџутсу и за Оно ха Итто рју (Такеда-ден), шиханот Антонино Черта, ќе го одржи својот редовен годишен семинар на 16-17 април.
Предавањата ќе се одвиваат во Хомбу Доџо-то на Организацијата за изучување класични јапонски борбени вештини „Пат кон Сонцето“, сместено во долината под планината Липац. За нашите членови обезбедено е бесплатно сместување во рамките на самото доџо.
Во сабота и во недела, тренинзите ќе се одвиваат од 10:00 до 12:00, а потоа од 16:00 до 18:00 часот (двата дена).
Тема на семинарот ќе биде Санкаџо односно катите од третиот каталог на Даито рју Аикиџуџутсу.
Одржан февруарскиот Даито рју семинар
Февруарскиот семинар за Даито рју Аикиџуџутсу и овој пат се одржа во скопското Корју Доџо. Веќе од следниот месец, месечните семинари се селат во Хомбу Доџо-то на Пат кон Сонцето, во долината под планината Липац.
Инструкторот Довезенски детално ги предаде и објасни сите пет кати, по што учениците внимателно и посветено ги повторуваа. Последниот саат беше резервиран за повторување на катите од првиот каталог (Иккаџо), со цел да се провери знаењето и напредокот на членовите на Корју Доџо-то.