Последниот овогодишен Даито рју Аикиџуџутсу семинар се одржа во Скопје

Posted on Categories Почетна

Вчера, во скопското доџо на организацијата „Пат кон Сонцето“, се одржа последниот семинар за Даито рју Аикиџуџутсу за 2015-та година. 

За време на настанот, учесниците беа поделени во две групи односно во првата се вежбаа техниките од програмата за полагање 6-ти кју, додека во втората беа напредните ученици кои ги вежбаа катите од првиот каталог (Иккаџо) од 118-те тајни техники (Хиден Мокуроку) на вештината. Додека почетниците успешно ги повторуваа основите на движењето на телото, како и начините на удирање, напредните вежбачи го втемелуваа знаењето стекнато во претходните години. Нивниот напредок беше видлив на секое поле. 
Оваа година беше доста успешна за Даито рју Македонија – Корју Доџо. Иако бројот на членовите кои ја вежбаат оваа самурајска боречка вештина се уште е мал, сепак нивната посветеност е на доста големо ниво. 
Во текот на 2015 година, се одржаа вкупно седум семинари на кои инструкторот Довезенски го пренесуваше своето знаење од школата. Во април, го организиравме традиционалниот годишен семинар со учителот Антонино Черта, при што шиханот не подучуваше на некои нови техники од вештината. За време на настанот, учителот Черта му додели втор дан (Нидан) на инструкторот Довезенски, додека на нашиот член Марко Опачиќ му беше доделена титула фукушидоин, при што беше промовиран во прв дан (Шодан). 
Во месецот јуни, се одржа традиционалниот Оно ха Итто рју (Такеда-ден) семинар, насловен како „Кенџутсу под Ѕвездите на Липац“, што секогаш се одржува во чест на нашиот учител Черта, а една недела претходно Довезенски учествуваше на меѓународниот семинар во Градара (Италија) под водство на наследникот на Оно ха Итто рју Кенџутсу – Соке Сасамори Такеми. За тие што не знаат, оваа самурајска мечувалска школа во минатото била задолжителна за сите самураи од кланот Такеда, а благодарение на неа, полесно можат да се разберат принципите на вештината Даито рју Аикиџуџутсу. 
Следниот семинар со инструкторот Довезенски веќе е закажан за јануари, додека Сенсеи Черта повторно ќе ни предава во Македонија во април (2016-та).   

Одржан неделен мини-семинар во Скопје

Posted on Categories Почетна

Во организација на Корју Доџо-то на Даито рју Македонија, во неделата се одржа четири часовен мини семинар за аикиџуџутсу. На семинарот присуствуваа 10-тина членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“ кои неуморно го впиваа знаењето за оваа благородна јапонска самурајска борбена вештина.   

Инструкторот Игор Довезенски предаваше техники од првиот каталог на првото ниво (иккаџо), но овој пат на малку поинаков начин. Имено, секоја од катите беше најпрвин предадена и вежбана во нејзината оригинална форма, за потоа истата се изведуваше со различен напад од страна на противникот. Овој начин придонесе учесниците да согледат една поинаква перспектива на вештината, а истовремено подлабоко да ја разберат суштината на самата техника. 
На крајот, беше договорено да се одржат уште неколку вакви неделни мини-семинари до крајот на годинава. 

Одржан октомврискиот интензивен Даито рју семинар

Posted on Categories Почетна

Октомврискиот интензивен Даито рју семинар повторно ги собра на едно место членовите на „Корју Доџо-то“ од Организацијата „Пат кон Сонцето“. 

Тренингот како и секогаш се одвиваше со многу засилена динамика, без нималку штедење ниту во физичка ниту во ментална смисла, што беше показател дека материјалот од нивото Иккаџо се подобро се совладува.
Во текот на вториот ден, интензивно се вежбаа катите од второто ниво (Никкаџо), а големо изненадување беше брзиот напредок на нашиот член Дарко Неделковски, кој со своето залагање брзо ги освои симпатиите на постарите ученици.
Во слободното време, инструкторот Довезенски на учениците им раскажуваше некои случки од тренингот со Сенсеи Антонино Черта во Италија, како и за некои настани кои се поврзани со овој голем човек и учител. 
По завршувањето на семинарот, на интерниот Форум на „Пат кон Сонцето“, инструкторот Довезенски го напиша следното:
„И кога ми беше најтешко и кога немав никакви услови за тренинг на Даито рју Аикиџуџутсу. И кога немав финансии и подршка од никого – НЕ СЕ ОТКАЖАВ! Не само затоа што јас НИКОГАШ не се откажувам, туку и поради еден прекрасен човек со име Антонино Черта. Мојот Учител за Даито рју Аикиџуџутсу. 
И успеав. Го создадов Корју Доџо-то. Го издигнав од пепел. Се оформи стабилна и сериозна група на ученици, која иако мала, до уши е вљубена во оваа стара и благородна боречка вештина. 
И не само тоа. Поради љубовта и почитта кон Сенсеи Черта и поради грижата на совест дека не правам доволно за НЕГО, ја внесов вештината Даито рју во редовната програма на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Вчера разбрав дека студенти од други факултети сакаат да го изберат предметот во кој се одржуваат вежби за Даито рју.
И да знаеш Сенсеи Черта, не застанувам тука. Ниту јас, ниту моите (твоите) ученици од Македонија. Ќе ја вежбаме „твојата“ вештина и ќе ја пренесуваме традицијата на твојот учител Токимуне Такеда додека сме живи!“ 

Одржан првиот интензивен семинар во новото полугодие на 2015-та

Posted on Categories Почетна

Викендов се одржа првиот интензивен семинар во новото полугодие на 2015-та година. 

За време на настанот се вежбаа катите од идори, ханза хандачи, тачи аи и уширо дори од првиот каталот на вештината (икаџо), а последната сесија односно неделната беше резервирана за неколку кати од никаџо. 
И покрај заморот што се чувствуваше поради високиот интензитет на вежбањето, како и секогаш учесниците дадоа се од себе и ниту еднаш не застанаа за време на тренингот на техниките на оваа благородна и стара самурајска боречка вештина.
Следниот семинар е закажан за 17/18 октомври. 

Јапонските класични боречки вештини во Македонија се издигнуваат на академско ниво

Posted on Categories Почетна
На 14 септември, 2015 година, на седницата на Стручниот совет на Институтот за етнологија и антропологија, членовите на колегиумот едногласно го одобрија предлог-проектот на Игор Довезенски за отворање на „Лабораторија за Источни Култури“ во рамките на Институцијата, со што за прв пат во Македонија класичните јапонски боречки вештини се издигнуваат на академско ниво. 
Со тоа, студентите кои студираат на ИЕА, во рамките на предметите „Етнологија на Азија“ и „Етнологија на Јапонија“ задолжително ќе посетуваат настава при што за време на вежбите ќе ја изучуваат теоријата, но и техниките на вештините кои што се предаваат во Организацијата „Пат кон Сонцето“. 
Инструкторот Игор Довезенски, ја користи оваа прилика да ја изрази својата огромна благодарност кон Раководителот на Институтот за етнологија и антропологија, д-р Љупчо Ристески, како и кон сите останати колеги за безрезервната подршка во остварувањето на идејата. 
Истовремено ги информираме сите средношколци во Република Македонија кои се интересираат за источните култури, но и сите љубителите на културата и традицијата на „Земјата на Изгрејсонцето“, дека со запишувањето и студирањето на Институтот за етнологија и антропологија, ќе имаат можност да се стекнат со знаења од областа на материјалната, социјалната и духовната култура на Јапонија.