Последен Даито рју Аикиџуџутсу семинар во првото полугодие на 2015-та

Posted on Categories Почетна

На 11/12 јули, во Хомбу Доџо-то на Организацијата за изучување традиционални јапонски борбени вештини „Пат кон Сонцето“, инструкторот Игор Довезенски ќе го одржи последниот семинар во првото полугодие за Даито рју Аикиџуџутсу. 

За време на настанот, Довезенски ќе посвети особено внимание на Уширо Ваза техниките од Иккаџо, но ќе се вежбаат и кати од Никкаџо. 
Сите заинтересирани членови на „Пат кон Сонцето“ се добредојдени да дојдат на семинарот и преку тренинг со членовите на Корју Доџо-то да се запознаат со оваа стара и благородна самурајска вештина. Бидејќи вообичајно Даито рју се вежба во мали групи, на сите учесници ќе им биде посветено максимално време и внимание со цел што подобро да ги извежбаат техниките на вештината. 
Пријавување за учество на: daito_macedonia@yahoo.com

Даито рју Аикиџуџутсу - викенд семинар со Игор Довезенски

Posted on Categories Почетна

Викендов што измина, беше резервиран за вештината Даито рју Аикиџуџутсу, а инструкторот Игор Довезенски ги предаваше катите од првиот каталог на вештината, познат под името – Иккаџо. Семинарот се одржа во Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“, а на него присуствуваа тројца ученици на Даито рју Македонија – Корју Доџо. 

Во саботата, Довезенски ги предаваше основните техники на удирање, блокирање и движење на телото (Аики Таисо), а потоа продолжи со катите од Идори и Тачи Аи.
Следниот ден, откако учесниците ги повторија научените техники, се продолжи со предавање на катите од Ханза Хандачи.
Како што е веќе познато, инструкторот Довезенски еднаш месечно организира викенд-семинар во Хомбу Доџо-то, каде што подучува мала група ученици на кои детално им ги објаснува техниките на оваа благородна и ефикасна самурајска школа, која во минатото била вистинско нематријално богатство на моќниот јапонски клан Такеда. 

Одржан семинарот „Кенџутсу под Ѕвездите на Липац VI“

Posted on Categories Почетна

Настанот што секоја година го одржуваме во чест на нашиот учител за Даито рју Аикибудо, шиханот Антонино Черта, повторно собра голем број љубители на класичните јапонски боречки вештини. Како и минатата, така и оваа година семинарот се одржа во дворот на манастирот Св. Ѓорѓи, лициран веднаш под врвот на мистичната планина Липац. 

Во текот на двата дена, учесниците ги вежбаа основните техники на школата Оно ха Итто рју (Такеда-ден). И овој пат, повторно не изостана традиционалната саботна вечера, на која се служеше домашно зготвено гравче, за кое е задолжен нашиот член Зоран Тодоровски.  

Во неделата, после првиот утрински тренинг, откако учесниците го исчистија дворот и конаците на манастирот, ветераните на доџо-то се упатија на самиот врв „Голив’р“, каде што под силното сонце беше одржан последниот тренинг од семинарот. Потоа, со силен марш, се направи кратка обиколка околу Липац, по што се означи крајот на овогодинешниот настан.

Како и секоја година, така и оваа, „Кенџутсу под Ѕвездите на Липац“ привлече многу членови на Корју Доџо-то / Пат кон Сонцето, кои на крајот изјавија дека со нетрпение ќе го чекаат следниот настан во 2016 година. 

Учество на меѓународниот семинар за Оно ха Итто рју во Италија со Соке Сасамори Такеми

Posted on Categories Почетна

Инструкторот на Даито рју Македонија – Корју Доџо, Игор Довезенски, минатата недела учествуваше на меѓународниот семинар за Оно ха Итто рју Кенџутсу, што се одржа во Италија под водство на Соке Сасамори Такеми. На настанот учествуваа околу 40 учесници од Германија, Италија, Америка, Белгија и Ирска.

Семинарот се одржуваше во спортската сала во градчето Градара, недалеку од Пезаро. Со Сасамори Соке, од Јапонија допатуваа и неговите ученици Асаи Сенсеи и Ишизаки Сенсеи, кои неуморно ги поправаа грешките кај учесниците и несебично го пренесуваа своето знаење. Веднаш по демонстрирањето на секоја ката, Сасамори Соке, кој инаку е 17-тиот наследник на Оно ха Итто рју, ги објаснуваше најважните детали кои треба да се применат во самата техника. 
Што се однесува до организацијата, мораме да напоменеме дека домаќините се покажаа како многу љубезни и исполнителни во секој поглед. Нивното гостопримство беше видливо на секој чекор, а посебна благодарност упатуваме до организаторот на семинарот Роберто Фоглиета, како и до неговиот ученик Клаудио Чени.   

Кенџутсу под ѕвездите на Липац VI

Posted on Categories Почетна
Школото за класични јапонски боречки вештини Даито рју Македонија – Корју Доџо, со подршка на Организацијата за изучување на традиционални јапонски борбени вештини – Пат кон Сонцето, по шести пат го организира традиционалниот семинар во природа насловен како „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“.
 
Овој настан се одржува еднаш годишно за време на првиот викенд од јуни, во чест на нашиот Даито рју Аикибудо учител – шиханот Антонино Черта.

За време на дводневниот семинар, членовите на Даито рју Македонија и на Пат кон Сонцето, ги вежбаат техниките од школата Оно ха Итто рју (Такеда-ден). Оваа моќна мечувалска вештина, во минатото била задолжителна за сите членови на познатиот самурајски клан Такеда. Поради нејзината едноставност и ефикасност, школата била една од двете официјални кенџутсу вештини кои што се изучувале од страна на припадниците на семејството на јапонските шогуни од кланот Токугава.
 
Членовите на нашето доџо, овој настан секоја година го чекаат со нетрпение. За време на дводневниот тренинг во природа, на врвот на мистичната планина Липац, учениците од сите степени имаат можност да се дружат меѓу себе и подобро да се запознат.
 
Во текот на деновите, ќе се одржуваат по три тренинзи, а вечерта ќе биде резервирана за дружење околу огнот, проследена со вкусно гравче и по некое пивце. 
 
Ден: 13/14 јуни, 2015 година (поаѓање од Скопје во 07.00)
 
Место: под ѕвездите на планината Липац.
 
Опрема: вреќа за спиење, кеико ги, хеланки, кјахани или високи чорапи (против крлежи), бокуто (може и резервен), храна и вода.
 
За дополнителни информации јавете се на нашиот телефон 077 976 906.
 
Семинарот е отворен за сите, без разлика на стилот и вештината. 
 
Ако Ви е потребна опрема, информирајте не на време.
 
Настанот ќе се одржи без разлика на временските услови.