Одржан првиот Аикиџуџутсу семинар во новата година

Posted on Categories Почетна

Во скопското Доџо на Организацијата „Пат кон Сонцето“, вчера се одржа првиот семинар во новата 2023-та година. На настанот присуствуваа дванаесет членови кои во текот на четирите саати предвидени за семинарот, неуморно ги изучуваа и повторуваа катите од второто ниво – Никаџо.

Иако учесниците беа на најразлична возраст, тоа не ги спречи да уживаат во одличната атмосфера што секогаш лебди во воздухот кога станува збор на семинарите организирани од Даито рју Македонија – Корју Доџо.

За првото полугодие, останува да се одржи уште еден семинар во Скопје, а потоа од март тренинзите ќе се префрлат во нашето Хомбу Доџо, лоцирано во долината под планината Липац

Одржан декемврискиот Даито рју Аикиџуџутсу семинар

Posted on Categories Почетна

Во скопското Доџо на Даито рју Македонија, се одржа декемврискиот семинар за Аикиџуџутсу.

На настанот присуствуваа членови на Организацијата „Пат кон Сонцето“ од сите групи, а темата беше „Иккаџо“.

Тренингот како и секогаш беше напорен, но истовремено и крајно забавен, со оглед на убавината на катите кои доаѓаат од оваа благородна самурајска традиција.

Следниот Даито рју семинар ќе се одржи на крајот на јануари.

Настанот ќе биде отворен за сите заинтересирани, а веќе можете да се пријавувате преку нашиот и-мејл. Ве очекуваме.

Одржан јулскиот Аикиџуџутсу интензивен семинар

Posted on Categories Почетна

Иккаџо односно катите од првото ниво, беше темата на јулскиот Даито рју Аикиџуџутсу интензивен семинар што се одржа викендов во Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“.

За време на настанот, учесниците под водство на инструкторот Игор Довезенски ги извежбаа сите форми од Идори, Ханза Хандачи, Тачи Аи и Уширо Дори.

Во тек се одржува детскиот Летен Нинџа Камп, а за неколку дена почнува и кампот за возрасни.

Гамбатте!

Се одржа последниот „Кенџутсу под Ѕвездите на Липац“

Posted on Categories Почетна

Ехото создадено од силното киаи на воините на Организацијата „Пат кон Сонцето“ за последен пат ечеше во знак на почит кон нашиот Даито рју Аикиџуџутсу учител Антонино Черта, но и како најава за затворањето на семинарот што беше создаден во негова чест.

По цели 13 години, настанот што се одржуваше на врвот на Липац, како и во дворот на преубавиот Бељаковски Манастир, го доживеа својот крај. А старите мудреци одамна кажале дека се што е убаво има и свој крај, меѓутоа не заборавиле да додадат дека за да се роди нешто ново, треба нешто старо да оконча.

Убавите спомени од овој семинар, како и специфичниот ритам, специјалната програма и пејсажите кои го одземаат здивот ќе останат засекогаш врежани во нашите срца. А за крај на овој извештај, еден мал дел од последните коментари на двајца наши членови, напишани на интерниот форум:

„Чувството беше неверојатно. Секоја година си има некоја посебна искра која тлее за време на семинарот за Оно ха Итто рју. Секој што учествувал знае колку е убаво, иако се смета за еден од потешките семинари, за кои е потребно добра кондиција, концентрација, сила и техника. Мило ми е што со нас повторно беше нашиот поранешен член Дамјан Стојановски – Снагата. Покажа дека тоа што го научил пред 5-6 години, сеуште ’лежи’ во него и за време на целиот семинар не’ престана да се труди. Тој исто така покажа и како се’ сака и почитува Доџото. Иако повеќе не е активен, се надевам дека ќе не дружи повторно на некој од следните семинари.
Сите други беа ’ѕверови’ и стануваат се подобри и подобри. Петарче и Ксенија морам да ги пофалам особено, бидејќи цело време работеа силно и непрекинато.
Исто така, многу ми е мило што дојде и Радица. На враќање ми кажа дека прекрасно си поминала, иако не вежбаше со нас, сепак дружбата и времето што го поминала и подариле преубави чувства.
Му се заблагодарувам и на шидоши хо Марко што постојано не’ исправаше секогаш кога правевме грешки во техниката. И секако, најголема благодарност имам кон Сенсеи, кој непрекинато се труди и вложува во нас, со цел да бидеме поуспешни и подобри на секое поле“ – Михаил Дракалски

„Има еден момент, кога ќе се вратиш дома од неверојатен семинар и почнуваш да си ги враќаш сликите од истиот.
Релативно долго сум во ова Доџо и со Сенсеи и со останатите соборци и сум бил сведок како многу легендарни семинари го завршиле својот богат живот. Некои од нив повторно се вратиле, а некои ќе останат запишани и запаметени во историјата на Буџинкан Македонија.
Мислам дека сосема соодветно и на најдобар можен начин го затворивме и овој семинар. Жал ми е што прекина во овој формат, но можеби е време некој нов да се роди.
Кога зборувавме вечерта за причината и како понатаму би продолжила да се вежба оваа школа во нашата Организација, ми дојде една добра идеја. На  тоа свето место односно во дворот на Бељаковскиот Манастир би можеле да продолжиме со тренинг со нагината – од школата Шинден Фудо рју. Се надевам дека мојата идеја ќе биде прифатена и остварена“ – Владимир Антовски

Заврши и априлскиот Даито рју Аикиџуџутсу семинар

Posted on Categories Почетна

Априлскиот Даито рју Аикиџуџутсу семинар што се одржа викендов во Хомбу Доџото на Организацијата „Пат кон Сонцето“ донесе нови возбуди и создаде дополнителни спомени во нашите животи.

За време на настанот, учесниците имаа можност да ги вежбаат катите од нивото Иккаџо, кои учителот Игор Довезенски повторно детално ги објаснуваше при тоа објаснувајќи и нивни варијанти (хенка).

Како и на секој семинар во Хомбу, не изостана ниту прекрасното дружење, а овој пат Довезенски ги изненади своите ученици со нудли со зеленчук кој ги зготви надвор во вог-тава.

Да споменеме и дека за своите заслуги, како и за одличната техника што ја поседува, на Таки Гаговски му беше доделен Никју (втори кју), а на вонредното нинџутсу полагање кое се одржа за време на паузата меѓу двата тренинга, Петар Довезенски успешно положи за 9-ти кју.